Линкови за пристапност

Советникот на Бајден: Контроверзниот републикански предлог-буџет за одбрана нема да помине


Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека Сенатот под контрола на демократите ќе ги одземе контроверзните делови од предлогот за годишниот буџет за одбрана, усвоен од републиканците во Претставничкиот дом.

Претставничкиот дом минатата недела тесно го одобри одбранбениот пакет вреден 886 милијарди долари. Во овој пакет беа вклучени барањата на тврдокорните републиканци кои сакаа да го ограничат пристапот до абортус за членовите на безбедносниот сектор, како и да укинат одредени делови од здравствената заштита и програми за трансродовите лица во војската.

Во Вашингтон обично има двопартиска поддршка кога станува збор за буџетот за одбраната, но овојпат прашање е што ќе биде на масата на Бајден – кој треба да го потпише законот за да стапи во сила. Сенатот ја разгледува својата верзија на нацрт-законот оваа недела, а потоа членовите на двата дома на Конгресот ќе треба да постигнат компромис помеѓу конкурентните закони.

Советникот на Бајден изјави за Си-Ен-Ен дека верзијата усвоена од Претставничкиот дом „нема да стигне до масата на претседателот“.

„Ова треба да биде област каде што завршува политиката и започнува националната безбедност. Се надевам дека мудроста ќе надвладее“, вели Саливан.

Откако пред една година Врховниот суд ја укина универзалната заштита на правото на абортус, некои држави практично го забранија прекинувањето на бременоста. Како резултат на тоа, Пентагон соопшти дека ќе им плати на жените од државите каде што абортусот е нелегален да одат во друга држава и да ја прекинат својата бременост.

Републиканскиот сенатор Том Котон од Арканзас изјави за Фокс њуз дека доколку се стави крај на политиката на Пентагон, женските воени членови сè уште ќе можат да патуваат низ државата и да абортираат - но на свој трошок.

Претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти го бранеше законот, велејќи дека републиканците го направија она што ветија дека ќе го направат за да ја принудат администрацијата на Бајден да престане да ги користи парите на даночните обврзници за промовирање на сопствената либерална агенда.

Претставникот Хаким Џефрис, лидер на малцинствата во Претставничкиот дом, рече дека поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп „киднапирале двопартиски закон од суштинско значење за националната безбедност за да ја наметнат својата крајнодесничарска идеологија на американскиот народ“.

Мерката донесена од Претставничкиот дом ги дефинира трошоците за одбрана на САД за фискалната 2024 година, која започнува во октомври оваа година.

Предлог-буџетот за одбраната вклучува и зголемување на платите за 5,2 отсто на припадниците на војската, мерки за спротивставување на влијанието на Кина и подобрување на севкупната воена подготвеност на САД и капацитетите за ракетна одбрана.

Нацрт-законот за одбрана овластува 874,2 милијарди долари за одбранбени трошоци следната година, во согласност со буџетското барање на претседателот Џо Бајден.

XS
SM
MD
LG