Линкови за пристапност

Силите на САД и Јужна Кореја на готовс


Во очекување Северна Кореја да лансира проектил.

Очекувајќи дека Северна Кореја може да лансира проектил во секое време, јужнокорејските и американски сили на Корејскиот Полустров се подготвуваат за евентуални последици. Денес ја зголемија готовноста на повисоко, второ ниво, што соодветствува на „витална закана“.

Јужнокорескиот министер за надворешни работи Јун Пјанг-Се во Собранието информираше дека постои голема веројатност Северна Кореја да тестира еден од своите нови проектили, во секое време.

„Веруваме дека се работи за Мусудан, нов вид на проектил од среден дострел од 3.500 километри. Колкава далечина ќе достигне, зависи од волјата на Северна Кореја“, кажа министерот.

Дипломатите се обидуваат да одржат врска со властите во Северна Кореја и да ја намалат напнатоста. Европската унија денес соопшти дека нема да ги повлече своите претставници и покрај предупредувањето на официјален Пјонгјанг дека по 10-ти април не ќе може да им гарантира безбедност.

На средбата со американскиот државен секретар Џон Кери пред собирот на Групата 8 во Лондон, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кажа дека Русија нема различно гледиште од САД.

„Никој не треба да се заканува со армиски маневри. Постои шанса да се смири целата ситуација“, рече Лавров.

И портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи повика на воздржаност, наведувајќи дека „сите страни треба да останат мирни, да не провоцираат, да се стремат да ја намалат напнатоста и да ги имаат на ум регионалниот мир и стабилност“.

Северна Кореја последниве неколку недели постојано се заканува дека ќе ги нападне Јужна Кореја, САД и американските сојузници во азиско-пацифичкиот регион, во знак на одмазда за најновите економски санкции што ги воведе Советот за безбедност на ОН. Пјонгјанг беше казнет заради нуклеарните и тестовите со проектили што ги прекршија резолуциите на Советот за безбедност.
XS
SM
MD
LG