Во Јужна Кореја расте оптимизмот за изгледите за постигнување на мир, по изненадувачката одлука на претседателот на Доналд Трамп да се сретне со лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун, во обид за решавање на нуклеарниот спор на Корејскиот Полуостров.
„Никој не сака војна, ниту Северна Кореја, ниту околните држави. Мислам дека ова води кон мир“, вели Јанг Сон-Ае, жител на Сеул.
Преку 70 проценти од испитаниците во истражување на јавното мислење спроведено во Јужна Кореја, се изјасниле позитивно во однос на очекувањата од двата самита меѓу Ким и претседателот на Јужна Кореја, Мун Џеј-Ин, едниот закажан за април, и оној меѓу Ким и Трамп закажан за мај.
Во ноември, 2017-та година, Северна Кореја ги суспендираше интензивните тестови кои беа фокусирани на развивање на интерконтинентални балистички ракети.
Во јануари, владата на Ким се согласи да учествува на Олимпијадата во Јужна Кореја, упатувајќи покана за меѓукорејски самит, а од неодамна изрази подготвеност да се сретне со Трамп.
Планирањето на престојните средби е во тек, иако Северна Кореја сè уште не го потврдила своето учество.
Без оглед на тоа што оптимизмот е голем, повеќе од 60 проценти од анкетираните граѓани на Јужна Кореја искажале скептицизам дека Северна Кореја ќе се придржува кон условите на можниот договор за денуклеаризација.
Северна Кореја и во минатото се согласи да ја прекине програмата за нуклеарно оружје во замена за економска помош, во исто време тајно продолжуваше со активностите развој на нуклеарно оружје, откажувајќи се од своите ветувања.
Facebook Forum