Линкови за пристапност

Ќе се формира собрание на земјите од ПСЈИЕ


Зацртана поголема регионална соработка на дводневната средба на првите парламентарци во Охрид.

Модалитети што ќе овозможат во рамките на следното претседателство на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Букурешт да се формира собрание на земјите од регионот - ова е еден од заклучоците на дводневната, 10-та Конференција на претседателите на парламентите на земјите-учеснички во Процесот, која денес заврши во Охрид.

Конференцијата во Охрид заврши со потпишување Декларација која ги дава насоките за идната регионална соработка.

Регионалната парламентарна соработка треба да овозможи заеднички усогласени определби врз основа на кои ќе се формира работна група со задача да предложи модалитети за идната соработка, според Трајко Вељаноски, претседателот на Собранието на Република Македонија.

„Нашиот регион е регион кој, од причини кои ви се познати, со задоцнување започна и недоволно динамично ја развиваше меѓусебната соработка, духот на разбирање, меѓусебната поддршка и солидарност, што, инаку, е карактеристично за речиси сите други региони на Европа. Многу одамна се формирани Нордискиот совет, парламентот на Бенелукс, пред и после деведесеттите години на минатиот век Парламентарното собрание на ЦЕИ, Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка, Балтичкото Парламентарно собрание и други. Ние соработката ја започнавме во ист период, но таа остана сведена воглавно на годишни средби на ниво на претседателите на парламентите и на декларации кои не беа доволно валоризирани“, рече Вељаноски.

Небојша Стефановиќ, претседателот на Народното собрание на Република Србија, најави дека неговата земја ќе го поддржи формирањето на собранието на земјите од Југоисточна Европа.

„Оваа конференција беше уште еден доказ за силната политичка волја и за тоа дека треба да работиме заедно во продолжување на нашата регионална соработка, но и да ги оцениме работите коишто сме ги постигнале во изминатиот период и да ги разгледаме перспективите и можностите за понатамошна соработка во овој регион. Заклучивме дека овој начин на соработка има потреба од поголемо ниво на организација и Србија дефинитивно ќе го поддржи Парламентарното собрание“, рече Стефановиќ.

Претседателот на Романскиот парламент Валериу Стефан Згонеа подвлече дека земјите од ЈИЕ имаат силен поттик за создавање подобар живот за граѓаните, а регионалното собрание за него е најдобриот начин за дебата, изнаоѓање на политиките кои се потребни во различни области за да се исполни оваа цел.

„Откако бевме избрани во декември како романски парламентарци, ние сакаме да го поддржиме Парламентот во Скопје да создаде и да заврши со оваа работа. Наредното претседателство ќе го финализира ова на инаугуративната сесија за Парламентарното собрание. Ова е многу важно за нас, затоа што се случи на консензуален начин. Сите парламенти имаат претставник, ист број на претставници кои на иста маса ќе споделуваат визиите“, рече Згонеа.

Првите парламентарци од ЈИЕ изразија благодарност до домаќинот Вењаноски за, како што стои во заедничката Декларација, успешното претседавање со парламентарната димензија на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа.
XS
SM
MD
LG