Линкови за пристапност

Обама вели дека ќе ја користи моќта на неговата функција за постигнување на целите


Во годишното обраќање до нацијата американскиот претседател започна нова битка со републиканците за кревање на депресираната средна класа

„Ајде да ја направиме оваа година на акција. Тоа е она што најголем дел од Американците го сакаат - сите ние во овој дом да се фокусираме на нивните животи, нивните надежи, нивните аспирации. И тоа што мислам дека ги обединува сите луѓе на оваа нација, без оглед на раса, религија или партија, млади и стари, богати и сиромашни, е едноставната, длабока верба во можност за сите – што значи - ако работите и преземате одговорност, ќе напредувате“, вака претседателот Барак Обама се обрати на заедничката сесија на Конгресот и пред милиони Американци кои вечерва гледаа телевизија.

Ова е негова шеста година на функцијата, што ќе рече на половина на неговиот втор мандат, кога се одржуваат важни конгресни избори и ова негово годишно обраќање се смета за почетна салва на изборната битка што набрзо ќе го конзумира Вашингтон.

Под голем притисок од демократите, кои сакаат да ги портретираат републиканците како заштитници на богатите, Обама се фокусираше на економијата и на еднаквоста, на стеснување на јазот меѓу богатите и сиромашните. Но пред се` зборуваше за резултатите:

„Стапката на невработеност – најниска за последните пет години. Пазарот на недвижнини се опоравува. Производниот сектор додава работни места за прв пат од 1990-те. Повеќе нафта е произведено дома отколку што се увезува – за прв пат по 20 години. Дефицитот намален за повеќе од половина. И за прв пат по една деценија бизнис лидерите во светот објавија дека Кина веќе не е местото број еден во светот за инвестирање. Америка е “, рече претседателот.

Иницијативите што тој ги претстави вечерва беа многубројни, но доминантна линија беше дека дека тој ке работи со Конгресот, но таму каде нема желба за компромис, а тој има простор да делува унилатерално – тоа ќе го стори. Прв доказ за тоа беше зголемувањето на минималната плата на нископлатените работни места кои се под договор со федералната влада, за што тој веќе потпиша извршна наредба.

Нација што промовира иновативност денеска, ќе биде господар на глобалната економија утре.
Барак Обама
Додека на себе презеде да ја намали бирократијата за добивање дозволи за клучни проекти за изградба на инфраструктурата, што ќе спаси, рече, околу милион работни места, од Конгресот побара да ја поправи штетата направена со минатогодишните кратења на трошоците, зашто тие ја скратиле и иновацијата, според него, а „нација што промовира иновативност денеска ќе биде господар на глобалната економија утре“.

Во однос на ослободувањето од зависноста од увезена енергија за која се залагаше последниве години, претседателот рече дека Америка е поблиску до енергетска независност од кога и да било последниве децении. И не само што цвета производството на нафта и природен гас, „стануваме глобален лидер и во соларна енергија“, рече тој. Преминувањето кон чиста енергија има и друга предност, кажа тој. Климатските промени се факт, и кога нашите деца ќе не` погледнат во очи и ќе не прашаат дали сме направиле се` што сме можеле да им оставиме подобар свет – да можеме да им кажеме – да.

Тој посвети многу време на стари теми кои се дел од неговата агенда веќе подолго време – креирање работни места, имиграционата реформа, здравствената заштита, ослеснување на младите да одат на колеџ, жените да бидат еднакво платени со мажите за еднаква работа...

Обама предложи конкретни чекори за кревање на депресираната средна класа, но има малку индикации дека законодавците се подготвени да одат во таа насока.

Републиканците понудија своја визија како одговор од жената со највисок ранг во Конгресот, Кети МекМорис Роџерс, од државата Вашингтон.

„Републиканската партија сака да даде повеќе моќ на обичните Американци, а не на владата“, рече таа по обраќањето на претседателот.
„Нашата мисија, не само како републиканци, туку како Американци, е да обезбедиме да не сме врзани со тоа од каде доаѓаме туку да бидеме мотивирани со тоа што можеме да станеме. Тоа е јазот што републиканците сакаат да го затворат, рече таа во официјалниот одговор.

Уште утре, на денот по обраќањето до нација, претседателот Обама заминува на патување низ државата за да ги продаде своите идеи и иницијативи на Американците, на нивна територија.
XS
SM
MD
LG