Линкови за пристапност

Успесите и предизвиците во фокусот на обраќањето на претседателот


Успесите и предизвиците во фокусот на обраќањето на претседателот
Успесите и предизвиците во фокусот на обраќањето на претседателот

Годишното обраќање претседателот на САД го имаше пред Конгресот, но му зборуваше на американскиот народ – за променетиот курс на државата, за менувањето на светот и за неговата визија за просперитет на економијата

Ова беше едно од поинтересните обраќања на претседателот што Американците го слушнале. И тоа не само заради мешаното седење на републиканци и демократи, што до сега се немаше случено, иако само како симболичен израз на единство, туку и заради моментумот на Обама што тој сака да го продаде како грижа за народот, а не политика.

„Нови закони ќе бидат усвоени само со поддршка од демократите и републиканците. Ќе тргнеме напред само заедно, или воопшто нема да тргнеме – зашто предизвиците со кои сме соочени се поголеми од партија, поголеми од политика“, рече претседателот Барак Обама.

Зборувајќи за успесите по двете години на рецесија, изразени преку корпоративен профит, акции и повторно растечка економија, тој фокусот го врати на народот:

„ Прогресот ние го мериме според успехот на нашите луѓе. Според работните места што тие можат да ги најдат и според квалитетот на животот што тие работни места го овозможуваат... На тој проект американскиот народ сака ние да работиме. Заедно.“

Тој кажа дека ова е „моментот на Спутник“ за оваа генерација. Притоа мислеше на времето кога пред половина век Советите го лансираа сателитот Спутник, пред Американците да имаат идеја како да стигнат до месечината. Но со силна волја, ентузијазам и иновација не само што ги надминаа Советите туку и создадоа нови индустрии и милиони нови работни места.

„Ова е прва нација формирана на идејата дека секој заслужува шанса да ја обликува својата судбина“, рече претседателот.

„Мора да ја добиеме иднината. Но да стигнеме до таму, не може да седиме со скрстени раце, зашто - иднината не е дар. Таа е постигнување“, го цитираше Обама Роберт Кенеди.

Објаснувајќи чекор по чекор како да се дојде до добивање на таа иднина, тој заврши со предлог за замрзнување на годишните домашни трошоци за пет години. Ова беше компромисот со републиканците на кој се чекаше како знак на добра волја за заедничко работење.

„Ние може да имаме разлики во политиката, различно потекло, различни мислења, но сите имаме ист сон“, рече Обама. „Американскиот сон! Америка отсекогаш била приказна за обични луѓе кои се осмелуваат да сонуваат. Ние сме за големи работи“, поентираше Обама.

По традиција, републиканците излегоа со свое гледање на состојбата во која се наоѓа нацијата, и притоа останаа доследни на најавите за тоа како ќе одговорат на обраќањето на претседателот.

Од нивно име зборуваше претседавачот со Комисијата за буџет во Претставничкиот дом, Пол Рајан. Тој почна со заложба за потрошувачка дисциплина која, како што рече, на Вашингтон болно му треба. За републиканците големата задолженост и оданочување во Америка е преголем товар за одржлива економија. Тие не ја сакаат здравствената реформа на Обама. Сакаат мала влада, која нема да се меша премногу во „индивидуалната потрага по среќа“ како што стои во Уставот.

„Лимитирана влада и слободно претприемаштво и` помогнаа на Америка да стане најмоќна нација на земјата“, рече конгресменот Рајан.

Изминативе две години за Обама беа тешки. Наредните две години тој сака да ги направи продуктивни, особено во областа на креирање на работни места, наспроти републиканците кои економски напредок гледаат во големи намалувања на трошоците во буџетот. Дали американскиот претседател успеа да ги убеди гласачите во својата теза – ќе се види многу бргу, зашто ова се смета за неофицијален почеток на неговата кампања за реизбор.

XS
SM
MD
LG