Линкови за пристапност

СОНК не отстапува од одлуката за генерален штрајк на 29 септември


Реагира на изјавата на премиерот Груевски дека тоа е само обид на актуелното раководство да си обезбеди нов мандат

Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата (СОНК) не одстапува од одлуката за генерален штрајк на 29-ти септември.

Ова го соопшти раководството на Синдикатот, коментирајќи ја изјавата на премиерот на Република Македонија Никола Груевски дека штрајкот е само обид на актуелното раководство на СОНК да си обезбеди нов мандат во ова сидикално движење.

„СОНК беше синдикат кој континуирано даваше поддршка за проектите на Владата, бидејќи велеа дека е и многу повеќе од што очекувале дека ќе се сработи и дека биле многу задоволни. Сега пред еден месец најавија штрајкови. Анализиравме на што се должат тие сменети односи од нивна страна и разбравме дека претстојат избори. Сега сите се ставени во функција на реизбор на раководството. Иако знаат до каде може и колку може да даде владата, сега треба да покажат цврстина, борба. И тоа е основниот мотив. Секако не е се` розово, но работите одат чекор по чекор. Сега повторно ќе има покачување на платите и тоа не е само за СОНК“, рече Груевски во интервју за Тв Сител.

Коментирајќи ја изјавата на премиерот, во раководството на СОНК наведуваат дека повеќе од 80% од членството на Синдикатот дало поддршка на активностите на СОНК и дека изборите за ново раководство се дури наредната година, така што сметаат дека е непримерно премиерот нивните барања да ги окфалификува како предизборен меркетинг.

Во раководтсвото на СОНК велат дека се нанесени големи штети за демократијата и владеењето на правото со тоа што тие не се воопшто консултирани за измените на Законите за основно и средно образование и повикуваат на дијалог за да се поправат тие штети.

Со законски измени, Владата предвиде можност во време на штрајк да се ангажираат наставници за замена, што синдикалците го чувствуваат како обид да се изврши притисок и да се обесхрабри штрајкот.

СОНK бара поголеми плати за вработените во градинките и применување на колективен договор за платите, како и поголеми плати за вработените во основните и средните училишта. Синдикатот ќе протестира и поради моделот на екстерно тестирање во основното и средното образование, со којшто наставници ќе бидат казнувани или наградувани, поради несклучување на колективен договор за високото образование и науката, како и поради начинот на којшто се делат платите во високото образование. Забелешките за културата се однесуваат на шестгодишното преговарање со Министерството за склучување на нов колективен договор.

XS
SM
MD
LG