Линкови за пристапност

Авион на сончев погон на интерконтинентален лет


Швајцарскиот авантурист Бертранд Пикар сака да ја промени јавната перцепција за можностите на алтернативните видови на енергија.

Швајцарскиот авантурист Бертранд Пикар е на мисија да стане првиот кој извел интерконтинентален лет со авион што не користи гориво. Тој во моментов се обидува да ја мине релацијата од јужна Европа до северна Африка со авион на сончева енергија.

Пикар полета од Мадрид рано утрово по локално време и ќе треба да мине 2.500 километри за да стаса до главниот град на Мароко, Рабат.

Авионот наречен Соларен импулс има опсег на крилата од 63 метри. Тие се покриени со 12.000 соларни ќелии и поврзани со пар електрични мотори. И покрај долгите крила, авионот е тежок само колку еден семеен автомобил.

Во изјавата за Гласот на Америка пред полетувањето, Пикар кажа дека сака да ја промени јавната перцепција за изворите на обновливата енергија и да покаже дека тие нашироко може да се употребуват за авиони, автомобили и домашни апарати.

Организаторите го одбраа Мароко како крајна дестинација за да го истакнат планот на оваа северноафриканска земја да ја отвори својата прва инсталација за сончева енергија. Пикар изјави дека со тоа Мароко ќе создаде нови работни места и ќе ја намали зависноста од фосилни горива. Тој кажа дека и другите земји може да ја зголемат својата куповна моќ и благосостојба преку следење на примерот на Мароко.

Летот на Соларниот импулс од Мадрид до Рабат воедно е и тест за летот околу светот планиран за 2014-та година. Според Пикар, неговиот тим се подготвува за констрирање на втор, поголем авион со специјални крила што би можел да лета непрекинато пет до шест дена и во дождливи временски услови.

Сегашниот Соларен импулс влезе во историјата во 2010-та како првото летало со човечки екипаж што без прекин мина 24 часа во воздухот користејќи само сончева енергија.

Летот на Соларниот импулс може да се следи и на Интернет на www.solarimpulse.com.
XS
SM
MD
LG