Шест часа свирење виола, 15 минути слушање џез, и одново, во истиот редослед. Вака и` поминува времето на виолистката Софија Златанова, на два дена пред првиот солистички концерт во Бостон, сојузната држава Масачусетс.
Златанова, за Гласот на Америка, вели дека првпат ќе свири за себе.
„На концертот ќе промовирам две композиции напишани за мене. Едната е од македонски автор, базирана на тема од македонската песна „Со маки сум се родила“, а другата е од композитор од Беркли, кој сакаше да напише композиција за мене, мотивиран од нашата традиционална песна `Јовано, Јованке`“, открива Златанова.
Подготовките за концертот почнале пред половина година, заедно со пијанист од Романија Елиза Пукиану. А рецептот за одржување во форма, вели Златанова, е овошје и многу вода.
„Секој ден во неделата, по половина час, одам и во парк за да трчам, а потоа десет минути гледам во зеленило да ги одморам очите. На тој начин добивам инспирација за нови проекти и концерти“, вели Златанова.
Она што секогаш си го кажува себе си`, пред да излезе на сцена е дека нема да погреши, а верува дека среќа и` носи подарок од мајка и`, кога имала шест години.
„Кога мајка ми ме однесе да ми купи фустан за запишување во прво одделение, јас здогледав касета од Бетовен. Од моментот, кога ја добив касетата, наместо фустанот, и ` кажав на мајка ми дека тоа ќе ме мотивира во животот“, се сеќава таа.
Златанова е стипендист на Универзитетот за музика на Беркли во Бостон и член на Македонската опера и балет, а посакува еден ден да отвори Фондација за помош на музички таленти во Македонија.