Линкови за пристапност

Собранието го изгласа Законот за заем од половина милијарда евра од Унгарија


Од опозицијата обвинуваат дека со заемот има простор за корупција и малверзации како и дека се отвара можност за ставање на државата во подредена положба и економска зависност а кредитот ќе го отплаќаат идните генерации.

СКОПЈЕ – Со 65 гласа „за“ Собранието го изгласа Законот за задолжување во износ од половина милијарда евра кај Унгарската експорт-импорт банка. Против беа пратениците од опозициската СДСМ а на гласањето му претходеше едночасовна дебата.

За опозицијата законот е нетранспарентен и ризичен бидејќи ја става државата во неповолна положба и има место за корупција, за власта е одличен бидејќи ќе внесе свежи пари во државата кои потоа ќе се дистрибуираат кај бизнис секторот и кај општините за капитални проекти.

Според СДСМ овој заем ќе претставува удар врз домашните компании а унгарската банка за нив е политички инструмент на заткулисни кругови кои не се дел од курсот на државата. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи кажа дека со овој заем се остава простор за политички манипулации и корупција а загрижува отсуството на транспарентност и контролни механизми при носењето.

Пратениците од опозицијата од собраниската говорница прашаа дали станува збор за унгарски или кинески пари и дали државата се обврзала на политички отстапки.

„Унгарската банка има историја за финансирање проекти кои отстапуваат од западно европскиот вредносен корпус. Ова задолжување носи огромен ризик за економската стабилност на државата, идните генерации ќе ги плаќаат последиците, а граѓаните ќе се соочат со зголемени даноци и инфлација и намалена куповна моќ. Како е можно само пет дена по формирањето на новата Влада на 23 јуни 20204 година унгарската банка да достави писмо со намери за заем од половина милијарда евра. Уште позастрашувачки е фактот што преговорите се почнати со странска влада уште додека ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција. Ова е Договор направен зад затворени врати кој носи огромни политички и економски последици врз сите нас“, рече Битиќи и праша зошто министерката за финансии не е присутна на седницата.

За пратениците од владејачкото мнозинство овој закон е транспарентен и неопходен а критиките на СДСМ ги оценија како празни бидејќи минатата Влада двојно го зголемила државниот долг.

„Овој заем доминантно ќе биде искористен за две цели, за финансирање на инфраструктурни проекти на општините во износ од 250 милиони евра и за финансирање на евтини кредити кон стопанството од 250 милиони евра“, изјави Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Според официјалните информации рокот за отплата на заемот е 15 години со грејс период од 3 години. Има фиксна каматна стапка од 3,25 проценти. Министерството за финансии најавува дека ќе се потпише договор да не се плаќаат провизии од 0,5 одсто годишно за неповлечени средства, а ќе се платат 70 илјади евра провизија за правни услуги на правна фирма што ќе ја избере унгарската банка. Законот беше предложен од Владата и донесен по скратена собраниска процедура.

Заемот од Унгарската експорт - импорт банка, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG