СКОПЈЕ – Со 67 гласови „за“, седум против и без ниту еден воздржан, Собранието го усвои ребалансот на Буџетот за 2024 година. Ребалансот на Буџетот проектира раст на БДП е од 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти и буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.
Вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари што е 2,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или за 5,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари.
Во експозето пред пратениците министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, објасни дека ребалансот е обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика.
„Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет – недоволно испланирани средства за законски предвидени права, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи, обезбедуваме редовна исплата на плати кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември и редовна исплата на пензиите, а го реализираме и нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, исплата на доспеаните обврски без одложување, зашто тоа го бара економијата во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која, како што покажуваат податоците, забележа слаби резултати во првата половина од годината“, рече министерката за финансии.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската говорница, кажаа дека со ребалансот се обезбедуваат средства за плати, пензии, студентски оброк и стипeндии, земјоделски субвенции, средства за општините и сервисирање на долговите.
„Со ребалансот на Буџетот за 2024 година се обезбедуваат пет милијарди денари за пензиите или 2 500 денари плус за 300 000 пензионери. Од септември, сите пензионери линеарно ќе добијат по 2 500 денари и тоа нема да биде еднократна помош, туку системско решение со кое, вклучувајќи го покачувањето од дополнителните 2 500 денари во март догодина, секој пензионер ќе добие 5 000 денари“, рече Бојан Стојаноски пратеник од ВМРО – ДПМНЕ.
Поранешниот премиер а сега пратеник од редовите на СДСМ, Димитар Ковачевски, најави дека неговата партија нема да го поддржи ребалансот бидејќи не обезбедувал континуиран раст на платите во ниту еден сектор. Тој нагласи и дека владејачкото мнозинство ги одбило сите 58 амандмани кои ги достави СДСМ.
„Со ребалансот на буџетот, зголемен е и буџетски дефицитот и сега е 4.9% од планираниот БДП. Јавниот долг сега ќе се искачи до 67 проценти, со новите задолжувања, а ние успеавме да го одржиме на ниво до 60% во време на криза. Владата не предвидува ниту средства за реформа на системот за заштита и спасување. Во ребалансот на буџетот кој го предлага Владата намалени се, но и не се предвидени финансиски средства за покривање на обврските од социјална заштита, ниту пак за покачување на финансиските првата за детска заштита. За потсетување истите овие права од социјална и детска заштита во текот на изминативе години беа зголемени за 320 отсто“, рече Ковачевски.
Претходно и пратениците од Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ја напуштија собаниската сала незадоволни од повлекувањето на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање од дневниот ред.