Линкови за пристапност

Собранието бара информации за работата на „Сајтрокс“, компанијата која се најде на американската „црна листа“


Собранието побара од надлежните институции и безбедносните служби информации за работата и производите на домашната компанија „Сајтрокс“ која, од пред неколку дена, се најде на американската „црна листа“. По ваквиот чекор на Вашингтон, активностите на „Сајтрокс“ поврзани со изработката на елементи за „Предатор“ - софтвер со кој се инфицираат мобилни уреди, го привлече и вниманието на пратениците, кои на денешната седница на Комисијата за следење на работата на државните бебзедносни агенции, го отворија ова прашање и го прифатија предлогот за добивање дополнителни информации за „Сајтрокс“.

Собранието бара информации за работата на „Сајтрокс“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

„Во информацијата покрај другото треба да се опфатат и следните елементи - кои фирми се вклучени во производството и продажбата на системите – збпруваме за фирми во нашата држава, дали нашите служби ги користат и поседуваат, дали вакви системи поседуваат поединци, компании, политички партии и други субјекти. Потоа дали и која институција ги штити граѓаните од злоупотреба на овие системи“, вели членот на Комисијата од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

„За некои странски држави производството на овој софтвер во нашата држава е закана за националната безбедност, а за нас очигледно дека нашите институции сметаат дека тоа не е. Тоа укажува на фактот дека свесно се употребува тој софтвер во Македонија и се бега од вистината или пак несвесно се употребува, или несвесно се употребува, а институциите не се свесни дека таков софтвер имаме и дека нема капацитет за проследување на ваквите закани“, рече членот на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Прашањата за „Сајтрокс“, програмата „Предатор“ и можната употреба на овој шпионски софтвер и во земјава, од Собранието се префрлија и во партиските седишта. Опозицијата прашува како надлежните не знаеле за активностите на „Сајтрокс“ и зошто нема реакција од обвинителството и по одлуката на Вашингтон за ставање на оваа компанија на „црната листа“.

„Ковачевски и Спасовски треба да одговорат како е возможно во Македонија со години да се развива шпионски софтвер, за кој НАТО и САД се против, а власта ништо да не преземе? Ова е доказ дека власта е лицемерна, и само за бледа реторика ги користи НАТО и ЕУ и САД, а кога треба да се прави профит не им е гајле за никој од нашите стратешки партнери. Дополнително опасно е тоа што софтверот на фирма која заврши на црна листа на САД, а како што потврдија истражувачки новинари бил развиван во Македонија, и тоа со години“, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сајтрокс“, според истражувањата, е дел од групација која се занимава со изработка на ваков тип на софтвер и ја менаџираат лица – израелски државјани. Во земјава, до минатата година, „Сајтрокс“ ја водеше Иво Малинковски чие семејство има бизнис со продажба на оружје и воена опрема, како и винарија. Утврдено е дека „Предатор“ бил користен за следење на египетски опозициски политичари, но и за прислушување опозиционери и новинари во соседна Грција.

Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД ја стави „Сајтрокс“ на својата „црна листа“ заедно со уште три фирми од Грција, Унгарија и од Ирска со образложение дека се санкционирани поради „обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и организации низ светот“.

XS
SM
MD
LG