Опозицијата ќе поднесе кривични пријави за сите инволвирани во вчерашното доаѓање на двајца пратеници од мнозинството, позитивни на ковид 19, во скафандери во Собранието за да го гласаат петиот сет економски мерки. Ваквиот потег ВМРО-ДПМНЕ го образложува со, како што велат, намерното уривање на правниот систем и тоа во самиот парламент.
„Ќе бараме одговорност и мора да има одговорност. Ако дозволиме ваквите случувања во собранието да продолжат тогаш ќе го дерогираме законодавниот систем. И покрај фактот дека имаше кворум, зошто имаше потреба од демонстрација на сила ќе ги прашате колегите од власта“, изјави Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претставниците на парламентарното мнозинство ги изнесоа нивните аргументи зошто, и покрај присуството на опозицијата, имало потреба да се повикаат двајцата заболени пратеници.
„Точно е дека кога се гласаа двата закона од петтиот пакет, пратениците од опозицијата влегоа во салата и ги гласаа законите. Но, знаете дека претходно беа надвор од салата и со месеци наназад не знаевме кога ќе влезат и дали воопшто ќе гласаат. Затоа, не можевме ништо да оставиме на случајноста. Ова ниту е првпат, а тешко е дека ќе биде последен пат“, изјави Снежана Калевска Ванчева од СДСМ.
Веднаш по настапот на опозицијата, прес-конефренција одржа Талат Џафери. Собранискиот спикер објаснуваше дека право и обврска на секој пратеник е да присуствува на седниците и дека присуството на заболените пратеници во изолирани кабини во галеријата на собраниската сала е во согласност со здравствените протоколи.
„Да не мислите дека јас своеволно го применив протоколот. Милион консулатции со надлежните направив, а вие можете да мавтате, како и опозицијата... Никој не бил загрозен зашто никој со нив немал контакт, по сите аспекти... Не сум јас од тие што ми текнува, туку од тие кои спроведуваат“, рече претседателот на собранието Талат Џафери.
Вчера собранието, по месеци расправии и блокади, со големо мнозинство, ги усвои законите за од 5 пакет економска помош наменет за 60.000 граѓани и фирми погодени во пандемијата.
Facebook Forum