Линкови за пристапност

Со 65 гласа „за“ Собранието ја изгласа техничката Влада, премиер е Талат Џафери


Пратениците од опозициските партии не гласаа за избор на техничка Влада. Од ВМРО – ДПМНЕ обвинија за криминал и корупција и за пакт меѓу СДСМ и ДУИ. Од СДСМ најавија победа на претстојните избори и ја обвинија опозицијата за опструкции и блокади

СКОПЈЕ – Со 65 гласа „ЗА“ и 3 „против“ денес во 14 часот во Собранието беше избрана новата техничка Влада чиј мандатар е Талат Џафери. Пратениците од опозицијата, очекувано и како што беше најавено не гласаа за изборот на нов мандатар и Влада.

Членови на кабинетот на третата техничка Влада се: Бојан Маричиќ, прв вицепремиер и вицепремиер за европски прашања, Славјанка Петровска – Министерство за одбрана, Панче Тошковски – Министерство за внатрешни работи, Кренар Лога – Министерство за правда, Артан Груби – Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, Бујар Османи – Министерство за надворешни работи, Фатмир Бесими – Министерство за финансии, Крешник Бектеши – Министерство за економија, Љупчо Николовски – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – Министерство за здравство, Јетон Шаќири – Министерство за образование, Ѓоко Велковски – Министерство за труд и социјална политика, Ристо Пенов – Министерство за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевски – Министерство за култура, Азир Алиу – Министерство за информатички систем и јавна администрација, Благој Бочварски – Министерство за транспорт и врски, Каја Шукова – Министерство за животна средина и просторно планирање, Славица Грковска вицепремиер за добро владеење и Фатмир Битиќи вицепремиер за економски прашања.

Во своето експозе, на почетокот на собраниската седница, мандатарот Џафери нагласи дека зацртаната политика на Владата предводена од сега веќе експремиерот Ковачевски ќе продолжи а приоритет ќе биде спроведување на фер и демократски претседателски и парламентарни избори, владеење на правото и почитување на Уставот и унапредување на стратешките односи со ЕУ, САД и НАТО.

„За мене, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за 1 или 100 дена, за техничка или преодна Влада. Јас, оваа должност, оваа доверба, чест и над сè, исклучително важна одговорност ја сфаќам и ќе и пристапам онака како што сум постапувал во секоја етапа и при секој предизвик којшто се појавувал пред мене во мојот професионален и персонален живот. Во однос на врвниот приоритет на Владата, а тоа е подготовката и организирањето на слободни, фер и демократски редовни во директна, отворена и законита процедура и соработка со Собранието, Државната изборна комисија и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Европската Унија и САД, ќе ги спроведе сите законски, институционални, организациски и оперативни предуслови за спроведување на јасната волја на граѓаните, со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во процесот во изборната кампања и самите избори, односно да се одржат избори со целосен легалитет, легитимитет и консензуално прифаќање на изборната волја на граѓаните“, рече Џафери.

„Еден дезертер си даде оставка друг ќе седне во фотељата. Двајцата немаат искрени чувства кон Македонија и затоа не очекувајте ниту од Џафери да работи за успешна и напредна држава“, вака го почна обраќањето од собраниската говорница пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој повтори дека пратениците од неговата партија нема да го поддржат изборот на Џафери за премиер и покрај тоа што во неговиот кабинет има двајца министри и тројца дополнителни заменици од опозициската партија.

Според Милошоски, СДСМ е партија приврзок на ДУИ а од денес македонскиот народ станал кираџија во сопствената држава. Во своето обраќање Милошоски се задржи на неколку скандали и афери, неуспешни проекти, инфраструктурни проекти кои според него чинат стотици милиони евра а не се започнати но и да трагедиите кои се случија во Бугарија со автобусот на „Беса транс“ и модуларната болница во Тетово.

Пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски, пак кажа дека на претстојните претседателски и парламентарни избори коалицијата предводена од неговата партија ќе однесе двојна победа. Ги обвини ВМРО – ДПМНЕ за константни блокади и опструкции. За кандидатите на опозицијата во техничката Влада кажа дека се слаби избрани поради лично пријателство со Христијан Мицкоски и остатоци од режимот на Никола Груевски.

„Целта на ДПМНЕ беше алиби за Мицкоски во белиот дворец поради фактот дека Ковачевски ќе биде повторно премиер а СДСМ со европската коалиција ќе ја формира наредната проевропска Влада. Дел од предложените кандидати за во техничката влада се лични пријатели на Христијан Мицкоски, дел се поранешни функционери во град Скопје а дел се кадри од времето на Груевски. И ниту еден нема зад себе некаков резултат. Во овие 100 дена ќе го поразиме концептот на хорот и враќање назад којшто го промовира Мицкоски. На слободни, фер и демократски избори ќе победи европскиот блок. А на 9-ти мај, Денот на Европа, европскиот фронт ќе прогласи формирање нова проевропска Влада којашто ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година“ рече Каевски.

Пратеникот Павле Трајанов кажа дека нема да гласа за Џафери и го обвини лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за лажен триумфализам и етноцентризам со изборот на Џафери за мандатар на преодната Влада.

„Тоа е класичен триумфализам на етничка основа. Ахмети, не враќате назад кон конфликтот од 2001 година наместо кон европеизација. Ова што и се случува во Северна Македонија, етничка припадност да е клучна за одредени државни функции не е европска вредност. Партизацијата направи хаос во институциите, граѓаните се огорчени. Не знам дали Џафери ќе биде полош премиер од Ковачевски но убеден сум дека досега полош од Ковачевски немало“, рече Трајанов.

Пред пратениците се обрати и Ахмети кој им реплицираше на Милошоски и Трајанов и кажа дека сега никој не е кираџија во сопствениот дом. Охридскиот рамковен договор направи не само Албанците туку сите националност да се чувствуваат како господари во сопствениот дом и додаде дека за разлика од сега, тој во младоста бил репресиран и не бил рамноправен со неговите врсници и пријатели само затоа што бил Албанец. Влез во ЕУ за запирање на иселувањето на младите од државата беше еден од клучните проблеми кои ги нотираше.

„Јас како млад не бев рамноправен со генерацијата со која учев, ми се негираше мајчиниот јазик, на моите родители им се негираше вработувањето и мораа да заминат во странство. Ви зборувам како човек кој пател и бил прогонуван од тогашниот систем. Почитуван Трајанов за жал во 2001 година бевме на спротивставени страни. Дали тогаш беше подобро кога ме гоневте со државата или сега тука во Собранието кога носиме закони и реформи. Дали беше подобро тогаш кога ме следеше државата како сепаратист и терорист или денес кога функционираме заедно во нашиот заеднички дом. Не е вистина дека некој е кираџија во сопствената држава. Како што гласав за Талат Џафери гласав и за Јован Митрески“, рече Ахмети од собраниската говорница.

Техничката влада предводена од Џафери, е трета во историјата на самостојна Македонија, по онаа на Емил Димитриев во 2016 година и на Оливер Спасовски во 2020 година. Ќе трае 100 дена со основна задача организирање и спроведување на редовните претседателски и парламентарни избори. Првиот круг претседателски избори е закажан за 24 април додека вториот круг како и првиот круг од редовните парламентарни избори ќе се одржи на 8 мај.

XS
SM
MD
LG