Снежната бура која го зафати североисточниот дел на САД затвори многу локации за вакцинирање и други услуги поврзани со пандемијата, објави Асошиетед прес.
Метеорологот Лара Пагано од Националниот центар за временска прогноза, вели дека се очекуваат голем снег и силни ветришта и во текот на утрешниот ден.
Денес во некои делови наврна снег од 7,6 до 12, 7 сантиметри, со околу шест сантиметри во делови на Пенсилванија, и околу 17,8 сантиметри снег во делови на Њу Џерси.
Прекината е и наставата во некои училишта, а градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио, за телевизијата Ем-ес-ен-би-си, рече дека се надева оти утре центрите за вакцинација би можеле повторно да се отворат.
Гувернерот на Њу Џерси Фил Марфи, прогласи вонредна состојба и ги затвори сите владини канцеларии за несуштински персонал.
Стотици летови, исто така, се прекинати на главните аеродроми во регионот, а суспендирани се и возовите и автобусите во оваа сојузна држава.
Изминативе денови, снег, првпат по неколку години, наврна и во Охајо, главниот град Вашингтон, како и во делови на Вирџинија.
Снегот и студеното време го принудија претседателот Џо Бајден да ја одложи планираната посета на Стејт департментот.
Белата куќа соопшти дека посетата ќе биде презакажана за до крајот на неделата, кога дипломатите и вработените би можеле безбедно да патуваат.
Facebook Forum