Линкови за пристапност

Случај Онкологија: Воспоставена комуникација со обвинителствата во Косово и Албанија, се бараат дополнителни сознанија


Клиника за онкологија
Клиника за онкологија

Комуникацијата со обвинителствата од Косово и Албанија е остварена преку Европската правосудна мрежа, при што македонското ЈО побарало директни средби во следните денови за непосредна размена на информации кои можат да помогнат во постапката

Остварени се првични контакти со јавните обвинителства во Косово и Албанија, велат од македонското Јавно обвинителство каде се води предистражна постапка за случувањата на Клиниката за онкологија.

Комуникацијата со обвинителствата од Косово и Албанија е остварена преку Европската правосудна мрежа, при што македонското ЈО побарало директни средби во следните денови за непосредна размена на информации кои можат да помогнат во постапката.

Како што претходно беше соопштено, „тим од јавни обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство од Скопје преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија“.

Од Клиниката бил обезбеден обемен доказен материјал и документација, која почнала да се анализира.

„Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето“, соопштија од Обвинителството.

Скопското обвинителство формирало и тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите.

Јавни обвинители извршиле и распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти. На распит биле и дваесетина пациенти кои доброволно се јавиле да зборуваат за случајот.

Во координација со Министерството за внатрешни работи се врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации.

„Единицата за финансиски истраги при МВР е задолжена да изврши финансиска истрага, а определени дејствија се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, согласно своите надлежности, треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката“, соопштија од Обвинителството.

Од таму додадоа дека ќе ги вклучат и ревизорите кои го изготвувале извештајот и ги констатирале состојбите.

Во Скопје вчера се одржа протест на кој се бара одговорност за случувањата на Клиниката за онкологија, како и брза разрешница за случајот.

Според објави и сознанија на домашни медиуми, на Клиниката подолг период се случувале активности во кои од пациентите бил баран поткуп, некои лекарства се препродавале на црниот пазар и во соседството, а имало случаи и на давање несоодветни терапии за пациентите. Сите тие наводи сè уште не се докажани и се очекува поконкретни сознанија да дојдат од истрагата што ја води Јавното обвинителство.

XS
SM
MD
LG