Карлос Слим, најбогатиот човек во светот, ќе престојува неколку дена во Охрид како дел од Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој.
Собирот во Охрид, според реномето на учесниците, е еден од досега највисоко рангираните. Тука ќе бидат извршните директори на најголемите светски компании кои се двигатели на информатичкото општество, како „Интел“ „Ериксон“, „Телефоника“, „Циско“, „Алкател лусент“, „Хуавеј“ и многу други.
Слим доаѓа со приватен авион и ќе има специјален безбедносен третман во движењето на поворката до хотелот каде ќе биде сместен. Негова претходница е веќе во Охрид неколку дена порано. Како и тој, сместена е во „Инекс-Горица“. Куриозитет е што неговите луѓе не го одбрале најновиот, туку, според времето на изградбата, најстариот блок од хотелот, кој е најсовремено уреден. Милијардерот сакал малку и да се одмори, да има посебен влез и да е во одвоен, изолиран дел. На располагање му стои апартманот „Јуниор“, кој има поглед кон езерото.
Управителот на „Инекс-Горица“ Климе Ристески за Гласот на Америка открива дека Карлос Слим не побарал ништо посебно и ништо поразлично од останатите гости. Ќе го јаде истото телешко мени, истата надалеку позната Охридска торта, што на тој начин, традиционално се подготвува само во овој хотел.
Слим е роден во Мексико Сити, во 1940 година. Според магазинот „Форбс“, тој е најбогат човек на светот, веќе трета година по ред, а неговото богатство се проценува на околу 69 милијарди долари. Своето богатство го стекнал во секторот на телекомуникациите, трговијата, финансиите, суровините и енергетиката.