Линкови за пристапност

Продолжуваат конфронтациите за терминот „Словени“


Контемплации за иднината на Македонија и на македонско-американските односи.

Не стивнуваат реакциите на сенатското сведочење на новоназначениот американски амбасадор во Македонија и соопштението на македонското Министерство за надворешни работи.

Организацијата на македонските иселеници со седиште во САД, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) изрази „загриженост во врска со терминот Словени употребен од страна на претседавачот на Комитетот на Надворешна Политика на Американскиот Сенат Сенаторот Крис Мерфи од Конетикет и на новоназначениот амбасадор Бејли за време на неговото сослушување во Сенатот“.

Граѓанското движење „Разбуди се!“, пак, чии членови главно се етнички Албанци, смета дека протестот на Министерството за надворешни работи кон САД е „политичко дипломатски дилентатизам и неразмислено дејствување што ќе има негативни последици за иднината на Македонија“.

Според „Разбуди се!“, најголем сојузник на Македонија од независноста до денес се токму САД, кои се и најголем донатор, па реакцијата кон САД е вон здравата логика.

„Реакцијата кон амбасадорот Џес Бејли не е изолиран случај, затоа што оваа гарнитура ја има употребено истата тактика и кон пријателските амбасадори како Фуере од ЕУ, Филипини и Шурман од Холандија, Штајнакер од Германија...“, смета движењето. Тоа го повика МНР да води „реална и позитивна надворешна политика ставајќи ја како приоритет интеграцијата на земјата и да не ги влошува односите со стратешките партнери на земјата“.

И ВМРО – Народна партија протестираше против, како што истакнуваат ид партијата „несоодветната и избрзана реакција на МНР во врска со изјавата на новонаименуваниот амбасадор на САД во Македонија, кој направи дистинкција меѓу словенското и несловенското население во земјава... Ваква непромислена постапка од Министерството, досега незабележана во дипломатијата, ги разгоре страстите на провладините медиуми кои жестоко и неоправдано се нафрлија на официјалната надворешна политика на САД, со што се нанесени несогледиви последици на понатамошниот развој на односите со нашиот најголем стратешки партнер. Сегашната неповолна ситуација во која се наоѓа Македонија на меѓународен план, бара сериозно да размислиме како да се однесуваме на укажувањата и критиките кои доаѓаат од нашите пријателски држави. Во спротивно, доколку и понатаму го задржиме ваквото самобендисано однесување, ќе бидеме се подалеку од евро-атланските интеграции и ќе тонеме во изолација“, соопшти ВМРО-НП.

Оваа партија е „згрозена и од начинот како владините медиуми го дефокусираа значењето на оваа политичка изјава, гледајќи во неа опасност за нивната разурнувачка пропаганда против словенскиот идентитет на македонскиот народ и уште пожестоко тргнаа во одбрана на нивниот антички проект“. Со тоа, сметаат од партијата, директно ги повредија чувствата на најголемиот број граѓани кои се чувствуваат како Македонци со словенско потекло.

„Сесловенската димензија на делата и учењето на светите браќа Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и улогата на преродбениците, нераскинливо се поврзани и длабоко вткаени во личниот и колективниот идентитет во нашите предци и во нас. Затоа, одбраната и зачувувањето на словенскиот карактер на идентитетот е и наша обврска денес, како што била и низ вековите, бидејќи тоа нè прави први меѓу словенските народи. Заради сето ова, ВМРО-Народна партија смета дека изјавата на амбасадорот не го оспори постоењето на македонскиот идентитет со тоа што не` нарече Словени“, пишува ВМРО-НП.

Првиот министер за надворешни работи на Македонија, Денко Малески, по повод острата реакција на здружението „Македонски манифест“, коешто новиот амеркански амбасадор го смета за недобродојден во Македонија и побара и македонскиот државен врв да донесе соодветна одлука во таа смисла, во медиумите изјави дека „на ништо не личи поведението на „Македонски манифест“.

„Постои голем јаз меѓу она како некои групи се доживуваат во етничка и во историска смисла и тоа како нè доживува светот. Јас повеќе пати сум укажувал на тој јаз и на потребата да отвориме еден домашен, внатрешен дијалог од кој ќе се види колку нашата историска и политичка мисла заостанува зад онаа од западна Европа и САД. Ова не е првпат некој странски претставник да нè нарече така како што нè нарече новоименуваниот амбасадор. Ние го знаеме случајот со претставникот на ЕУ од пред некоја година, Аиво Орав, кој исто така го навлече бесот на јавноста поради употребата на истиот термин. Тоа е дел од универзитетското образование кое го стекнуваат во светот, а не е политика. Една дебата за да се утврди објективната историска вистина и на тој начин да станеме компатибилни со светската политичка и историска мисла не отвора ни универзитетот, ни Академијата... Во такви услови, оставени сме на милост и немилост на разни групи кои имаат свои мислења, но нивните мислења не се балансирани со друго видување кое постои. Не поминува тоа друго мислење“, смета Малески.

XS
SM
MD
LG