Линкови за пристапност

Релативно мирна новогодишна прослава во Скопје


Две одделни прослави, организирани на два градски плоштада, за дочек на 2014-та

Новата 2014-та, жителите на македонската престолнина ја дочекаа во духот на политичките поделби од минатата година, на две одделни прослави, организирани на два градски плоштада, од локалните власти на Град Скопје (на владеачката ВМРО-ДПМНЕ) и на Општината Центар (на опозицијата).

На концертите на паралелните прослави, скопјани ги забавуваа групата „Куку Леле“ и Калиопи, а само неколку стотини метри подалеку, на другата бина, хрватската рок група „Прљаво казалиште“, и домашните изведувачи Бени и „Нокаут’.

Традиционлно имаше и огномет, а дел од помладите скопјани ги исполнија и угостителските објекти.

Иако наспроти новогодишната ноќ Министерството за внатрешни работи апелираше - граѓаните максимално да се воздржат од употребата на огнено оружје, петарди или пиротехнички средства, или било каков вид нарушувања на јавниот ред и мир, како и да не возат под дејство на алкохол, и оваа прослава не помина без инциденти. 23 лица со акутно труење со алкохол, од кои дури 11 малолетници, биле примени на Клиниката за токсикологија, но според дежурните лекари, тоа е помала бројка во однос на изминатите години.

Од МВР соопштија дека прославата минала во мирна атмосфера без посериозни проблеми, и со малубројни нарушувања на јавниот ред и мир, обиди за кражби и полесни сообраќајни несреќи.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по средбата со претставници полициските сили во Скопје, потенцираше дека одбележувањето на дочекот на Новата Година поминало во мирна и празнична атмосфера: „На територијата на цела Република Македонија се евидентирани 20 – тина нарушувања на јавниот ред и мир, што е бројка која е далеку пониска од вообичаената во редовните термини“.

Според медиумите, пак, еден 21-годишен скопјанец ги повредил лицето и окото со петарда, имало и петмина повредени во тепачки, и еден напад врз екипа на Итната медицинска помош која одела на интервенција на терен, при што се повредени се возачот и докторката, а скршени се и стаклата на комбито. Возачот е хоспитализиран, поради здобиените тешки телесни повреди. а докторката е пуштена на домашно лекување.

Традиционално, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, годинава заедно со министрите за здравство и за труд и социјална политика, Никола Тодоров и Диме Спасов, првото јануарско утро го посети првото бебе родено во 2014 година на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Првороденото бебе во Скопје во 2014 е Иван Чолаков, тежок 3 килограми и 450 грама и долг 50 сантиметри. Градоначалникот Трајановски честитајќи му на семејството, на бебето му подарич штедна книшка со 20.000 денари и други пригодни подароци.
XS
SM
MD
LG