Линкови за пристапност

Добрососедството како критериум


Штефан Филе побара од Македонија да се ангажира во односите со земјите околу неа.

Во Брисел деновиве започнаа подготовките на Европскиот совет, на кои една од точките на дневниот ред ќе биде и препораката на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ.

Дали Советот по четврти пат ќе ја отфрли препораката на ЕК е се` уште непознато. Во меѓувреме, еврокомесарот за проширување Штефан Филе, со поддршка на некои земји-членки, се обидува да го пробие мразот и да обезбеди датум за почеток на преговорите.

Во оваа мисија, Филе од официјално Скопје побара да се ангажира во подбрувањето на односите со соседните земји, пред се` поради тврдењата на грчката, но и бугарската дипломатија, дека Македонија прави чекори што не водат кон подобрување на добрососедството како еден од клучните политички критериуми за членство во ЕУ, дефиниран со Копенхашката агенда во 1991-ва година.

За тоа дали Македонија го исполнува овој критериум, Гласот на Америка на македонски јазик побара одговор од Арсим Зеколи, поранешен амбасадор на Македонија во ОБСЕ.

„Без амнестирање на соседите од нивниот удел, сепак би кажал дека во последните неколку години ние сме тие кои имаат потфрлено на овој план. Mораме да научиме да мислиме како современа држава, а не како реликт оптоварен со политиките и паранојата од поранешна Југославија од времето на Студената војна. Самонаметнатиот поглед и разбирање за себе како јагне опколено со волци или како јаболко на раздорот се покажа и докажа како поразителен за самите нас, не за соседите, и доколку продолжи ќе заврши како самопретскажан пораз. Мораме да научиме да се сметаме како раскрсница на регионот. Безбедносно и политички, таа раскрсница е веќе вклопена во европската економска агенда и американскиот безбедносен чадор, така што сите застрашувања со наводни прикриени намери на соседите се претерани. Но, тоа, по се` судејќи,не им се допаѓа премногу на извесни домашни политички, безбедносни и криминални структури, кои можат да опстојат единствено во самоизолација и административен хаос“, вели Зеколи.

Клучно прашање во контекстот на добрососедството се односите со Грција и решавањето на проблемот со името. Од овој проблем директно зависат перспективите на Македонија во евроатлантските структури. За тоа дали проблемот ќе биде решен наскоро или не, по најновите иницијативи за пробивање на мразот, познавачите на состојбите се воздржуваат од коментари во очекување на поконкретни реакции, како од Скопје така и од Атина, а по последната рунда преговори во Њујорк и предлозите за решение што на средбата ги изнел медијаторот Нимиц, и натаму непознати за јавноста.

Во фокусот на вниманието на Брисел се и македонско-бугарските односи, особено по серијата настапи на бугарски официјални преставници кои изразуваат загриженост за третманот на правата на граѓаните на Македонија кои се чувствуваат како Бугари, како и за третманот на бугарските инвеститори. За одосите на Македонија со Бугарија, мислење побаравме од поранешниот македонски амбасадор во Софија, Ѓорѓи Спасов.

„Ако Бугарија смета дека Македонија прави пречки за нивниот бизнис или ги загрозува човековите права на граѓаните што се изјасниле како Бугари, тогаш тоа македонскта страна треба да го земе како конкретен проблем и да го решава според сите стандарди на меѓународното право, бидејќи тоа е основата по која и оние кои се изјаснуваат како етнички Македонци во Бугарија може да очекуваат да бидат заштитени нивните граѓански права“, вели Спасов.

Деновиве, бугарскиот премиер Бојко Борисов истапи со предлог - Декларацијата за пријателство потпишана во 1999-та година да се унапреди во Договор за добрососедство.

„Декларацијата за пријателство потпишана меѓу тогашните премиери Георгиевски и Костов преставуваше основа за значително унапредување на односите меѓу двете земји. Тоа е добра основа и за потпишување на Договр за добрососедство. Оттука и идејата на премиерот Борисов да се работи на тој план. Според моја проценка, треба да биде прифатена од Македонија и без било какви предрасуди да се направи силен исчекор во унапредувањето и подобрувањето на во основа добрите и пријателски односи меѓу двете земји. Мислам дека интерес на Македонија е да ги интензивира билатералните средби на високо ниво со Бугарија и да ја охрабри Бугарија во нејзината подршка за македонско евроинтегрирање“, изјави Спасов за Гласот на Америка.

Деновиве се отвори и прашањето на односите со Албанија по инцидентот што се случи за време на посетата на Тирана, кога врз колата во која се возеше премиерот Никола Груевски беше фрлено јајце. Ова беше причина претседателот Ѓорге Иванов да ја откаже неговата посета на Тирана, каде беше поканет да учествува на прославата на јубилејот од стогодишнината на независноста на Албанија.

„Во било кој случај, нападите на службени лица, уште повеќе на високи државни претставници, треба остро, енергично и не само протоколарно да се осудат, со цел зачувување и обезбедување на минимум одговорност и меѓусебна почит. Не минимизирајќи ја симболиката на инцидентот, сепак не верувам дека ќе се одрази суштински на билатералните односи помеѓу двете земји, бидејќи осудите се рамномерни и од Скопје, и од Тирана, искажани преку дипломатските канали и со соодветен вокабулар“, ни изјави Арсим Зеколи.

Деновиве во Брисел престојуваше шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. На неговата агенда пред средбите, покрај останатото, тема беа и добрососедските односи.

„Од наш аспект е особено значајно да ги запознаеме соговорниците со сите факти и развојот во делот на реформите кои се значајни, да им објасниме зошто годинава случајот е посилен и тие аргументи за придвижување се навистина посилни за наш влез во формален почеток на преговорите за членство“, изјави министерот за надворешни работи.
XS
SM
MD
LG