Стартува референдумската кампања. Од денес во наредните неколку недели и оние „за“ и оние „против“ договорот со Грција, ќе имаат можност пред граѓаните да ги објаснат нивните позиции и аргументи.
Најголемата политичка групација, која ги опфаќа владејачките партии СДСМ, ДУИ, ДПА, БЕСА, се обедини во коалицијата која застана зад референдумот под мотото „Заедно ЗА европска Македонија“.
„Не случајно е создадена коалиција со повеќе од 100 субјекти, повеќе од 30 партии сме за референдумот, скоро целиот невладин сектор е вклучен и бизнис-коморите се вклучени. И, од овој апсект сите политички субјекти, особено големите, како СДСМ и ВМРО не смеат да бидат надвор од овој процес. Има начин како и опозицијата да биде дел од овој процес, може да не се согласува со договорот, но истовремено има обврска да даде придонес во интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО“, изјави премиерот Зоран Заев.
Уверен е дека опозицијата конструктивно ќе постапи во однос на референдумот.
„Како премиер имам мандат до 2020-та година, но ако референдумот не успее, најверојатно завршуваме со нашите политики“, додаде Заев.
Опозицијата, засега се` уште молчи како ќе постапи во претстојниот период.
„Капитулантскиот договор на Зоран Заев за промена на името е најштетниот договор некогаш потпишан во историјата на Република Македонија. Со Договорот кој Заев го потпиша со Грција се врши промена на името и на Уставот, се губи македонскиот идентитет и се менуваат јазикот, историјата и националноста“, повторија денеска од опозицијата.
Како што се наближува 30-ти септември, така се интензивираат пораките од претставниците на меѓународната заедница - „искористете ја оваа шанса“, велат тие.
„Можам да ве уверам дека низ функционрањето во рамките на трансатлантската и европската перспектива може да го сочувате вашиот идентитет подобро од кога било во контекст на отвореност и соработка со останатите. Мислам дека ова е клучен момент за македонските граѓани“, рече Берт Кундерс, поранешен министер за надворешни работи на Холандија.
Марија Жоао Родригез, претседателка на фондацијата „Прогресивни европски студии“, пак, порача:
„Ќе ве поддржуваме низ целиот процес. Членството во ЕУ е вистинскиот чекор, од кој ќе имаат корист сите граѓани на Македонија. Вие ни требате нам на ЕУ, вие сте дел од нас“, изјави таа.
Во наредниот период се очекуваат бројни посети на врвни европски претставници, но, и претставници на американската администрација, во знак на поддршка на рефрендумот, бидејќи и Вашингтон и Брисел повеќе пати порачаа дека оваа можност Македонија не смее да ја пропушти.
Facebook Forum