Линкови за пристапност

Екс-полицаецот го измеша системот


Изјавите на првиот полицаец, премиерот и обвинителката отворија повеќе прашања отколку што дадоа одговори на случајот со Сашо Мијалков

СКОПЈЕ – „Од мој извор добив информација дека е можно бегство, веднаш го известив министерот за внатрешни работи и затоа побаравме притвор“ кажа во неделата шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Рускоска. Неполни 48 часа подоцна, откако ја повлече жалбата на одлуката за куќен притвор, таа ѝ соопшти на јавноста: „Апсолутно не верувам во приказната ... не мислам дека повторно може да избега од куќен притвор, бидејќи ако сакаше ќе избегаше“.

Триото Заев, Спасовски и Рускоска за само 24 часа минаа низ фази од работ на очај до тотална еуфорија заради „извојуваната победа над криминалот“. Јавноста беше сведок на меѓусебни обвинувања и посочувања со прст на „виновникот“ за ситуацијата, па преку болести и наводни високи температури да заврши со тапкање по рамо заради добро завршената работа.

Сега се знае дека Сашо Мијалков се предал. Бегството завршило.

А зошто се предаде Мијалков никој не знае, иако сите видоа како се предаде: ноншалантно, пешки одејќи кон Обвинителството за гонење на организиран криминал, во тенка црна блуза на студеното време, каде случајно се нашол новинар од една национална телевизија.

На прашањето или изненадувањето „Во Македонија сте?!“ следуваше епска изјава во која ретко кој поверува, но извинувањето беше упатено до сите:

Не, не бев во бегство. Разбрав утрово за тоа и ми е навистина жал
Сашо Мијалков


Еве, доаѓам откако дознав, да се јавам во Обвинителството. Вчера бев, нажалост, навистина болен со преку 40 температура и кога утрово дознав за ова што се случува решив да се јавам. Тука бев. Бев изолиран затоа што имав симптоми на корона. Тоа беше причината што сакав да се изолирам од семејството и вчерашниот ден го поминав во изолација. Би сакал да ја искористам оваа прилика да ѝ се извинам на целата македонска јавност за непријатностите што се случија во држвата поради тоа што вчерашниот ден го поминав во изолација. Уште еднаш го да го повторам оној мој збор што го имам дадено, и еве ме, гледате, јас сум тука. Навистина ми е жал за ова што се случи. Се извинувам на Владата, премиерот, на министрите на правосудните инстанци, на сите останати. Тоа е тоа “, рече Мијалков.

Но тоа може да не е тоа, зашто нема ни збор за фактот што дента пред „да му се покачи температурата и да се јават главоболките“ полицајци тропале на неговата врата за да му го врачат решението за куќен притвор.

По завршувањето на мини интервјуто „спонтано“ се појавија четири лица, телохранители или истражители, кои уште послучајно беа зад камерата, а на дваесетина метри во кругот на Обвинителството беше неговиот приватен луксузен мерцедес кој 24 часа претходно бил паркиран во дворот на полициската станица „Кисела Вода“.

Шпекулациите за „легитимното“ право на Мијалков да види дали ќе биде прогласен за невин или осуден на долгогодишен затворска казна и зависно од тоа да реши дали ќе тргне по стапките на неговиот братучед Груевски беа говор на денот.


Но премиерот Заев не остави простор за дилема каков е неговиот став:

„Правдата е обезбедена, и ќе ја има и повеќе и почесто! И ќе следува ваков одговор на институциите секогаш кога некој ќе сака да си игра со правдата“, изјави тој околу 19 часот, два часа по мистериозното појавување на Мијалков.

„Со акцијата координирав јас и можам да објавам дека Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција. Се пријави во Обвинителството за организиран криминал и со тоа е обезбеден неговиот притвор“, соопшти премиерот јасно лоцирајќи ја заслугата за успехот на „координираната акција“.

Логично е да се заклучи дека битен фактор на таа координација е полицијата, чиј прв човек, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во тој момент стоеше зад премиерот. Но збунува фактот што истиот претставник на владата, на прес конференцијата одржана во 15 часот, недвојбено посочи со прст кон Обвинителството, изнесувајќи нејасни информации за тоа кој и како го следел движењето на Мијалков и кога точно „се изгубил од радарот“, за вината да ја лоцира - во системот.

„Затоа реков дека мора да го консолидираме системот. Прстот мора да го впериме во системот. За да се чувствува одговорност треба да направите намерен пропуст или да не постапите. МВР постапува со сите расположиви средства. Барајте ја одговорност во непостоењето на целосниот систем“, рече Спасовски.

Премиерот на ова одговори со остар демант на ставот на неговата десна рака и прв човек на полицијата:

„Од земја којашто беше режим, успеавме за три години како систем да ги финишираме процесите да дојдат до изречување пресуди и казни“,

Системот е поспремен и тој реагира
Зоран Заев, Премиер на Северна Македонија


напиша Заев на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Кога точно исчезнал Мијалков, Спасовски и координаторот на акцијата Заев излегоа со различни тајминзи.


„Во неделата во 14.30 часот го лоциравме Мијалков во друштво на три машки и едно женско лице како влегува во подземната гаража на хотелот „Мериот“. Во 15.05 часот од гаражата излегоа три возила но немаше потврда дека Мијалков е во возилото. Се упатија кон Водно, Полициски тимови имаше околу хотелот „Мериот“ и куќата на Водно“, е верзијата на Спасовски.

Премиерот Заев има други информации.

„ Во 14.30 излегува со сопругата Александра и со тројца од обезбедување. Шетаат по Максим Горки и во 15 часот се враќа во „Мериот“. Влегува во кола во 15.30 часот, комплетно го пратат уште две коли, заминува на Тодор Александров 69 каде што му е домот“, тврди Заев.

Дали чинот на предавање за Мијалков е олеснителна околност? Рускоска е децидна:

„Тоа што се предаде е олеснителна околност“, вели таа.

„Секако, Обвинителството и Судот, неговото пријавување во Обвинителството никако не треба да се сметаат за олеснителна околност, ниту за овој, ниту за било кој друг случај“, тврди Заев.

Во оптек е тезата за преговори и пазар. Имало или не? Еве ги изјавите:

„Јас не се видов со него. Единствено се видов со едниот негов адвокат. Двајцата заклучивме дека направил грешка што не се појави два дена и што не му е врачено решението. Ама не знам каде бил“, кажа Рускоска.

„Во претходна координација со неговите адвокати кои неколку часа беа претходно во Обвинителството, се организираше и се јави, затоа што потрагата беше пуштена насекаде“, демантира Заев и додаде дека е „приказна за мали деца“.

Разногласие имаше и меѓу Спасовски и Рускоска за тоа кој кога добил индиции дека Мијалков подготвува бегство.


„Моите информации говорат дека двајцата обвинители кои го водеа случајот, претходно се консултирале и барале дозвола за да побараат притвор. Знам дека обвинителите во петокот ја знаеле оваа информацијата и ја пренеле на член на Владата дека има можност за бегство на Мијалков. Дали во завршните зборови во петокот можело да се бара притвор. Имало индиции - поседува имот и има пари. Во „Монструм“ се побара, за разлика од овој случај“, кажа Спасовски на прес конференцијата во МВР.

Пет часа подоцна Рускоска го тврди спротивното.


„Јас никого во петокот немам известено. Се видов со колегите кои постапуваат по предметот ми кажаа дека комплетно се завршени завршните зборови. Јас мислев дека вчера (во вторник) ќе завршат. Немав зошто да се јавувам на министерот или кај било кого“, тврди Рускоска.

Одговори, макар и конфузни, немаше за две клучни прашања. Кој му дојавил на Мијалков дека се подготвува притвор и зошто Обвинителството ја повлече жалбата на одлуката за куќен притвор за лице кое е во бегство и кое се бара со меѓународна потерница.

Во петок во Кривичниот суд ќе биде соопштена пресудата за случајот „Таргет – Тврдина“ кој се однесува на масовното нелегално прислушување каде првообвинет е Сашо Мијалков, а дотогаш тој треба да остане во куќен притвор на адресата Салвадор Аљенде на Водно како што самиот побарал.

XS
SM
MD
LG