Линкови за пристапност

70 години слободно Скопје

  • Синиша Станковиќ

Програмата за одбележување на јубилејот содржи над 80 настани

„Денес имам мотив повеќе за ова мое обраќање бидејќи тоа се случува на 70-годишнината од овој величествен настан, кој, гледано низ историски рамки, и не е некој долг период, но не е ни мал, а за нас, Македонците, е извонреден бидејќи во него ја живееме својата прва вистинска слобода. Јас сум денес среќен човек, бидејќи на мојата генерација и` падна задачата, заслугата и честа да го постигне тоа. Ги оствари стремежите на сите претходни генерации и го направи тоа исклучиво со сопствени сили. Свесна беше дека до вистинска слобода се доаѓа само на таков начин. Без сопствена борба за слобода нема вистинска слобода!“, рече денес пред Владата на Република Македонија борецот од антифашистичкото движење во Втората светска војна, Трајко Стаматовски, обраќајќи се во името на ослободителите на Скопје.

Пред Споменикот на ослободителите на градот, делегации од Македонија и од странство положија цвеќиња во чест на денот на ослободувањето на македонската престолнина - 13 Ноември, а градоначалникот на Скопје Коце Трајановски истакна дека „едно од најмаркантните сведоштва за крајот на Втората светска војна во Македонија е фотографијата на народна радост кога генералот Михајло Апостолски на бел коњ влегува во Скопје. Наша обврска е да продолжиме да го чествуваме овој светол ден, и не само поради придобивките од седумте децении слободно Скопје, туку и како потврда за исклучителното значење на еден историски датум длабоко врежан во македонскиот идентитет“.

Историчарот Тодор Чепреганов денес во „Нова Македонија“ потенцираше дека со ослободувањето на Скопје завршуваат и борбите за ослободувањето на Македонија.

„Важноста на овој ден е огромна, бидејќи со тоа Скопје стана општествено-политички центар од голема важност за Македонија. Градот стана центар што се развиваше. Главниот град тогаш и сега не може да се спореди, а развојот е од огромна важност“, вели Чепреганов, според кого е добро е што надлежните организираа бројни манифестации за празникот.

„Доделувањето на наградите и културните манифестации треба да продолжат и во иднина, бидејќи тоа е нашата идентификација пред светот. Сите земји во светот ги прославуваат ваквите празници, за да не се заборават оние што ги дале своите животи за татковината. Така треба да остане, бидејќи народ без историја е лесен за манипулација. Денешниот празник е празник за сите што живеат во Македонија, независно од националната или од верската припадност“, истакна Чепреганов.

Скопје одбележува 70 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, кога борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија и 16-та Македонска бригада ја ослободија македонската престолнина. Одбележувањето на 70-годишниот јубилеј започна со средбата на градоначалникот Трајановски со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народносолободителната антифашистичка војна, а продолжи со полагање цвеќиња пред спомениците на ослободителите, на генерал Михајло Апостолски, и на паднатите борци во НОВ.

Централната свеченост ќе се одржи вечерва во Македонскиот народен театар, со врачување на највисоката градска награда „13 Ноември“ на годинашните добитници, во чија чест ќе биде одржана музичко- ценската изведба „Скопје слободно чекори напред“ во режија на Наташа Поплавска, со врвни балетски и оперски уметници и актери од Македонија, припадници на разните етнички заедници коишто живеат во Скопје.

Програмата за одбележување на Денот на ослободувањето на Скопје содржи над 80 настани, а во неа се вклучија и општините во Градот Скопје, основните и средните училишта и градинки, културни установи и невладиниот сектор.

XS
SM
MD
LG