Линкови за пристапност

Реагирај – спречи насилство!


Организаторите на граѓанската иницијатива веруваат дека може само да му помогне на Скопје да премине од патријархален во либерален град.

"Ние не ги алармираме институциите дека некаде има насилство, бидејќи при­ја­ви­те се анонимни. Само водиме статистика кои се проблематични зо­ни во градот и колку често се случуваат насилства врз жени. Идејата е да ги стимулираме жртвите да прозборат, и кога ќе добиеме собирни ин­фор­ма­ции, тогаш да ги насочиме институциите да преземат мерки за заш­ти­та на критичните места", изјави деновиве Не­да Коруновска, претседател на граѓанското здружение "Реактор - истражување во акција", кое покрена иници­ја­ти­ва жените да проговорат за насил­ството со кое се соочени.

Здружението создаде Интернет-страница каде граѓаните можат да пријават насилство на јавни места, сеедно дали се нашле во улога на жртви или на сведоци. Под мотото „Реагирај - сподели приказна, спречи насилство“, оваа иницијатива им овозможува на жртвите на насилство да спо­де­лат со јавноста дека биле изложени на сексуален или физички напад, на закана, навреди или сле­де­ње.

Или, како што на страницата наведуваат самите организатори, „со помош на новите технологии и анонимноста која оваа платформа ја нуди, се надеваме дека ќе собереме голем број податоци за вознемирувањата и насилствата со кои се соочуваат жените на јавните простори во Скопје, а кои често остануваат непрераскажани и непријавени. Овие податоци ќе се користат и за алармирање на надлежните органи за локациите, фреквенциите и видовите на вознемирувања и насилства кои се случуваат и со тоа се надеваме ќе придонесат за зголемување на безбедноста на жените и девојките на јавните места во Скопје“.

Страницата содржи ма­па на која се регистрирани локациите на пријавените инциденти и врз основа на кои се врши селекција на т.н. опас­ни зони во кои граѓаните се поизложени на насилство. Изготвен е и Поимник кој дава појаснувања за користените термини на сајтот, со кој се дефинираат видовите на насилство како: навредливи коментари, свиркање, непријатно допирање или покажување гениталии, следење, „зјапање“, намерно попречување на пат, закана, физички напад, сексуално насилство...

Во разговорот за Гласот на Амрика на македонски јазик, Коруновска ги образложува причините за формирање на здружението: „Реактор се создаде во „capacity building” тренинг што го организираше еден австриско-германски истражувачи тинк-тенк „European Stability Initiative“ (ESI - www.esiweb.org). Целата идеја да се биде дел од тим кој работи на собирање податоци за решавање на проблеми од кои сме сите директно засегнати е толку моќна што „Реактор“ за нас претставува многу повеќе од работа. Веруваме дека ние лично, а и сите граѓани на Македонија имаат лична одговорност за подобрување на сопствената држава и затоа работиме со љубов, посветеност и прилична доза на идеализам. Искрено веруваме дека доколку нашата „треска“ ја зафатат што повеќе граѓани, Македонија ќе биде поубаво место за живеење“.

На скептичните оценки и дилемата - дали и колку Интернет-страницата, но и Интернет-мрежите воопшто можат да превенираат и да имаат влијание врз сузбивањето на родово базираното вознемирување на јавните места, особено во поглед на патријархалноста и традиционалната затвореност на македонската средина во која ни анонимноста често не е доволна за поттикнување на граѓанска акција, Коруновска одговара: „Веруваме во моќта на Интернетот, прво поради едноставноста на пријавување и второ, во можната „виралност“ на корисна или интересна информација, односно можноста информацијата да се прошири со огромна брзина. Досега имаме многу позитивни реакции за сајтот, од кои сме дури и изненадени. Од самото негово пуштање, веста за сајтот буквално сама се шири, а пријави веќе има повеќе од 40. Навистина веруваме дека РЕАГИРАЈ!, преку собирање на се` што досега било лична и трауматична приказна, може да прерасне во колективен глас и притисок за побезбедно Скопје. Можеби Скопје е подготвено да премине од патријахален во либерален град и оваа платформа само ќе му помогне во скокот“.

На прашањето дали во здружението имаат резерви дека со „мапата на насилствата“ или „регистарот на манијаци“, како што одделни медиуми веќе ја „дефинираа“ нивната иницијатива, идејата може да скршне во несакана насока. Коруновска реагира: „Ова е навистина одлично прашање, многу размислувавме за можни проблеми и непредвидени текови по кои целиот проект може да тргне. На пример, не сакаме платформата да добие етничка конотација и дополнително да ги разгорува меѓуетничките тензии. Знаете, ако Македонка е нападната од Македонец, таа никогаш нема да го опише како Македонец, но доколку е нападната од Албанец тоа ќе влезе во описот. Така, за Македонец ќе стои висок, низок, русокос, црн, валкан, чист, вака или така облечен, а за Албанец - само Албанец...
Секако, и стравот од непознатото е поголем, доколку не разбирате што точно некој ви дофрлува, нормално е повеќе да се исплашите. Тоа можеби ќе создаде нефер слика за Албанците, а ние тоа навистина не го сакаме. Напротив, сакаме и Албанките да го користат сајтот, затоа и платформата е преведена на албански, бидејќи веруваме дека сите жени во Скопје, без разлика на нивната припадност, еднакво патат од проблемот со родово базирани насилства...
Така што, ризик постои, но сметаме дека користа е поголема од ризикот, и подготвени сме да направиме се` што е во наша моќ, проектот да ја оствари својата оригинална намена. Пријавите се администрираат, ние ги сфаќаме сериозно сите пријави и долго дискутираме за етиката - дали некои од работите да се објават на платформата или не. Досега, освен неколку непристојни шеги (претпоставуваме од млади момчиња), задоволни сме од содржината што ја добиваме“, вели претседателката на здружението „Реактор“ во разговоротт за Гласот на Америка на македонски јазик.

Инаку, Интернет-страницата www.reagiraj-bidibezbedna.mk, како дел од проектот Истражување на опфатот на насилството на жените на јавните простори во Скопје, што го реализира здружението Реактор, со поддршка од Агенцијата на Обединетите нации за родова рамноправност и зајакнување на жените, според организаторите е еден од начините на кои тие собираат податоци за степенот на насилство врз жените на јавни места во Скопје, за видот на насилството врз жените, како и за перцепцијата кај жените околу тоа колку се чувствуваат безбедни на јавните места и дали оваа перцепција се променила со текот на времето. Студијата ја анализира и реакцијата на надлежните органи кон родово базираното насилство, нивната ефективност како и предизвиците со кои тие се соочуваат.
XS
SM
MD
LG