Линкови за пристапност

Белград ги повлече дипломатите од амбасадата во Скопје


Зошто Белград ги повлече дипломатите од Скопје?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

По синоќешното целосно повлекување на персоналот, амбасадата на Србија во Македонија е под засилено полициско обезбедување, откако стигнала информацијата дека објектот е празен.

До попладневните часови, српската страна официјално не соопшти зошто се решила на ваков радикален чекор и кои биле причините. Објаснувањето дојде од шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, кој кажа дека „амбасадата била под засилени разузнавачки мерки“.

„Недвосмислено е утврдено, со јасни докази, засилено разузнавачко делување против Република Србија во целост и нашата амбасада во што секако е присутен и странски фактор. Ќе преземеме мерки за да се подготвиме за функционирање во едно такво опкружување, ќе преземеме мерки за да ги заштитиме нашите интереси и да ги преиспитаме нашинте капацитети за извршување на работите во таква атмосфера“, изјави Дачиќ.

Тој не прецизираше кој е тој странски фактор. Поконкретен беше претседателот Вучиќ. Прашан дали, кога зборува за заштита од надворешно дејствување мисли на Русија, тој одговори: „Не, не мислам на Русија“.

За ситуацијата утрината разговарал државниот врв во Белград – шефот на државата, премиерката Брнабиќ и министерот Дачиќ. Решено е дел од персоналот да се врати во Скопје во наредните денови. Амбасадорката Душанка Дивјак-Томиќ ќе се врати на функцијата по завршувањето на консултациите во Белград. Дачиќ порача дека Србија сака добри односи со Македонија, но спомена и преземање реципрочни мерки.

По ваквиот развој на настаните реагираше македонската влада која порача дека развива пријателски односи со сите соседни земји. „Кога постојат отворени сензитивни прашања меѓу два наши соседа, Владата секогаш ги следи интересите на државата базирани врз принципите на добрососедство и унапредување на регионалната соработка, неутралност и немешање во споровите меѓу државите. Во однос на гласањето за членство на Косово во УНЕСКО, Владата на РМ ќе ги има предвид позициите на мнозинството земји членки на Европската Унија“, се вели во владиното соопштение кое наговестува дека можеби една од причините за ваквото однесување на Белград е македонската позиција за Косово.

Односите меѓу Македонија и Србија се заладени во изминатиот период – прво беше утврдено дека српски дипломат бил присутен во собраниските насилства на 27-ми април. Потоа следеше изјава на Дачиќ дека Србија направила грешка пред 20 години кога, како што рече, го признала Скопје под Република Македонија иако Скопје секогаш имало негативен став за косовското прашање. Вчерашните и денешните настани се последни во низата кои ја надополнуваат сликата за надолен тренд на релациите меѓу Скопје и Белград.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG