Претседателот на Владата Зоран Заев, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на скопската Општина Бутел, Велимир Смилевски вчера беа во обиколка на скопскиот Аквадукт, историски споменик од прва категорија, кој според медиумските извештаи, датира или од периодот на Јустинијан Први во VI век или од XV век.
Заев кој изјави дека „чувањето на непроценливите богатства, богатства на сите граѓани на Република Македонија, е наша голема должност и привилегија, работа со која се зафаќаме со голема одговорност и внимание“, вчера со своите соработници,објави „акција за целосна заштита и конзервација на скопскиот Аквадукт и создавање на еден пријатен амбиент со повеќе придружни рекреативни и културни содржини“.
Иако уште во 2009 година, во Белгија е изработен стратешки план за рехабилитација на скопскиот Аквадукт, овој споменик на културата со години беше заборавен од надлежните и обраснат во трева, а околу него, неодговорни лица фрлаа секаков вид смет и шут.
Пред две недели, на иницијатива на Здружението на индустриската зона Визбегово, во Скопје се одржа акција за чистење, координирана од Општината Бутел каде е лоциран Аквадуктот и подржана од Град Скопје, и јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, од претставници на Центар за заштита на културните споменици и претставници на бизнис -заедницата.
Тања Кроневска од Здружението на индустриската зона Визбегово, во која во над 200 компании се вработени над 5.000 лица, тогаш изјави дека „имајќи ја предвид средината во која работиме, сакаме да оствариме континуирана соработка со институциите и со другите субјекти што функционираат во овој реон, за да преземеме чекор и да покажеме дека со заедничка работа може да се постигне успех. Сакаме овој вид акции, како чистењето на скопскиот Аквадукт, да бидат поттик и на други зони за и тие да бидат општествено одговорни“.За акцијата за чистење компаниите од Индустриската зона Визбегово ја обезбедија неопходната механизација за собирање на отпадот, околу споменикот кон кој немаше ни уредени патеки, ниту патокази.
Акцијата на граѓанскиот сектор ја подржа и актуелната власт. И покрај набиената агенда, дента кога во Скопје пристигнуваше претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, чија посета будно ја следеше целиот регион, премиерот Заев со соработниците го посетија и Аквадуктот.
„Како што гледате, просторот околу овој бесценет историски објект, кој во изминатите години беше претворен во дива депонија, оставен запустен без никаква грижа, сега е целосно исчистен. Оттука па натаму, продолжуваме со интензивна акција, која треба оваа локација да ја претвори во атрактивна дестинација за граѓаните на Скопје, на Македонија, но и за регионалните и светските туристи“, изјави вчера Заев пред новинарите.
Тој им порача на граѓаните дека во годината посветена на европското културното наследство, вниманието на Владата е насочено е кон грижата за културни и историски богатства на Македонија: „Го покажавме тоа и со усвојувањето на мерките за заштита на Охрид, со што ја спречивме опасноста за губење на статусот на светско наследство под заштита на УНЕСКО. Го спречивме пропаѓањето на црквата ‘Св. Ѓорѓи’ во Курбиново, ја заштитивме галеријата со престари икони во Музејот на Македонија и многу други зафати“.
Министерот за култура Алаѓозовски вчера, исто така, најави ревитализација на Аквадуктот и порача дека по повеќегодишно институционално запоставување, за 2018 година се издвоени 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на скопскиот Аквадукт.
„За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе, за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови на Аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази. Освен тоа, Министерството за култура ќе ги поддржи програмски и културните содржини кои ќе ги реализираат Градот и општините на чија територија е локалитетот и контактните зони“, рече Алаѓозовски.
„Последни посериозни инвестиции во геотехничките и геофизички истражувања, сондирањата и анализата на материјалите на Аквадуктот се реализирани пред неколку години, претежно со меѓународни донации, додека нашите институции беа прилично пасивни и речиси го игнорираа овој атрактивен локалитет, кој наместо да го оствари својот културен, туристички, рекреативен, еколошки потенцијал, беше претворен во една голема депонија“, рече Алаѓозовски. Според министерот, „заштитата на културното наследство е врвен приоритет за сите институции и на тоа ќе продолжиме да работиме посветено и со заеднички сили“
Скопскиот Аквадукт е значаен културен споменик кој со години наназад беше оставен на забот на времето, за жал, не го посетуваа туристи, а ни голем дел од жителите на македонската престолнина не беа информирани за неговото постоење, иако се наоѓа во близина на тврдината Кале и на археолошкиот локалитет Скупи. Грандиозниот Аквадукт, со должина од 384 метри и 54 главни сводови издигнати на масивни столбови, пренесувал вода, според одделни истражувачи уште пред петнаесет векови, во времето на Јустинијан Први, а според други, од XV век, во периодот на Мустафа Паша. За жал, дури и во периодот на изведувањето на проектот „Скопје 2014“, во кој беа потрошени стотици милиони евра за изградба на нови споменици и објекти со барокни фасади, овој извонреден и оригинален споменик, беше запоставен.
Facebook Forum