Утрово, скопјани се разбудија обвиени со густа магла, а во одделни делови од градот се ширеше и тешка миризба. Иако е период во кој скопската котлина редовно е покриена со магли, сепак, намалената видливост и неподносливата реа, веднаш предизвикаа остри реакции на граѓаните на социјалните мрежи, како и на дел од медиумите кои објавуваа принтскринови и податоци од разни апликации за мониторинг на воздух, кои иако досега немаат официјална потврда, го пласираат Скопје на првото место по аерозагадување во светот, пред индискиот град Кaлкута и Дака во Бангладеш, според едни, или пред Делхи, Лахоре или Улан Батор, според други извори.
Но, ако има дилеми за местото на Скопје на црната листа на градови со нависока аерозагаденост, за степенот на просечна аерозагаденост – нема: загаденост на воздухот над македонската престолнина утрово била 374 милиграми на метар кубен. А мерните станици низ Скопје регистрирале енормна загаденост која според скалата на Министерството за животна средина се означува со црвен круг – највисок степен на загадување. Медиумите објавија дека и според Европскиот индекс за квалитетот на воздухот, Македонија е обележана со црвена боја, која означува многу високо аерозагадување.
Проблемите започнаа уште синоќа, а оттогаш, во последните 12 часа, на неколку мерни места низ Скопје се измерени и по дестпати повисоко загадување од максимална граница за присуство на ПМ10 честички во воздухот од 50 микрограми во период од 24 часа, пропишано од ЕУ. Иако аерозагадувањето и во другите делови на Македонија е пониско од скопското, сепак е многу над дозволените граници и во Велес и во Куманово, на пример.
И додека на социјалните мрежи, граѓаните меѓусебно се советуваат дека во услови на висока загаденост на воздухот не се препорачува излегување и подолга изложеност на отворено без посебна потреба, на мали деца, стари лица и бремени жени, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, изјави дека се неопходни системски решенија.
„Вчера потпишавме за пречистителна станица во Скопје. Тоа е мерка што не може да даде веднаш резултат. Вчера повикав да не очекуваме филмски резултати. Треба да ги промениме животните навики секој од нас поединечно, бидејќи само на тој начин можеме да придонесеме кон здравата животна средина. Не можеме да очекуваме спектакуларни резултати, можеме да очекуваме подобрување во некои состојби, сегметарно со интервентните мерки, меѓутоа некој дека ќе може да го најде копчето, да го исчисти воздухот и протера денешната магла- таква категорија не постои“, рече Шилегов.
Според него, скопјани го плаќаат данокот за несериозното однесување кон градската средина во минатото. Тој најави и усогласување на деталните урбанистички планови на општините за да се запре бесправната урбанизација, нов концепт за јавен превоз, забрана за работа на печките во санитарната депонија Дрисла во критични денови, како и чистење на Скопје и инсталација на прочистувачи на воздух во дел од скопските градинки. Градскиот татко истакнува и дека бројките од само десетина инспектори за животна средина на територијата на Град Скопје и само осум оџачари - се недоволни, најави и најавува нов концепт за градскиот сообраќај кој „задоволува потреби на скопјаните од 1984 година“.
Како една од мерките, Градот Скопје во соработка со Министерствата за труд и социјална политика и за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“ ќе организира мешани тимови кои 24 часа дневно ќе дежураат против огновите на отворено. Како дел од оваа активност за граѓаните се изработени и флаери, како и видео-спот кој што бесплатно ќе се емитува на Македонската телевизија, а се воведува и бесплатниот телефонски број 193, на кој граѓаните ќе може да пријават палење на оган на отворено
Но, изјавата на Шилегов дека не треба да се прави реално шоу од загадувањето на воздухот, наиде на жестоки реакции на граѓаните кои порачуваат дека се работи за „реален хорор“. Слични реакции предизвикаа и неговиот настап според кој иницијативата на социјалните мрежи на родители кои најавија дека нема да ги пуштат децата во училиште во знак на револт од загадувањето во Скопје е „политички мотивирана со цел да се дискредитираат и локалната и централната власт во борбата против загадувањето“.
Медиумите ја цитираа и изјавата на директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалес, според кого, „Македонија и пред се`, Скопје се многу загадени, споредено со европското ниво, меѓутоа има градови на светско ниво кои се уште позагадени и затоа, можеме да ги слушнеме нивните искуства и да научиме од нивните примери, со цел сите заедно, општинските власти и централната власт и граѓанското општество, да најдат практични и ефективни решенија“
За сабота, на социјалните мрежи е најавена иницијативата за граѓански протести „Станете за чист воздух!“, пред Владата на Македонија.
Facebook Forum