Линкови за пристапност

И амбасадите „полемизираат“ за енормното аерозагадување


Скопјани и денес се задушуваат, бараат реакција од градската и централната власт, но пред сè, се надеваат дека ќе се остварат прогнозите не метеоролозите за ветровито и дождливо време

Откако на „Твитер“, амбасадата на САД вчера попладне објави фотографија на која поради маглата не се гледа објектот на амбасадата, со прашање: „Маглата во Скопје денеска беше толку густа што не можеше да се види ни Амбасадата. Имате ли идеја за почист воздух во Македонија?“ (#AirPollution in Skopje was so thick today, you could hardly see the embassy! What ideas do you have for cleaner air in #Macedonia? Dec 14, 2017), доби неочекуван одговор од амбасадата на Русија.

„Бидејќи нашите пријатели од амбасадата на САД бараат идеи за аерозагадувањето во Македонија, ние сакаме да помогнеме со решение. #Турски тек“, пишува на твитот на руската амбасада.

Така, руските дипломати во Скопје, како решение за високата аерозагаденост во Македонија, предлагаат гасифицирање и на домаќинствата, преку рускиот проект за изградба нa гасоводот „Турски тек“, во чијa траса/цевовод би била вклучена и Македонија, а околу кој на политички план и на меѓународната сцена се водеше полемика.

Настрана од дипломатските „престрелки“, скопјани и денеска се задушуваат: мерните станици за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина утрово покажуваа неколкукратно повисоко ниво на аерозагадување од максимално дозволените 50 микрограми ПМ10 честички на кубен метар, со концентрации од 250 до 350 микрограми. Максималните вредности на аерозагадувањето се достигнати ноќеска, кога се измерени и до 470 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен.

Во меѓувреме, граѓаните покренуваат петиции за обезбедување на дефицитарниот производ - заштитните маски, за секој загрозен скопјанец. „Секој заслужува чист воздух, но не секој е во можност да си дозволи маска“, пишуваат покренувачите на една од петициите, која по повод загадувањето на воздухот, бара од Владата да обезбеди бесплатни маски за сите граѓани, или барем за децата, зашто маски со филтер за активен јаглен има се помалку во аптеките. Освен маските за еднократна употреба во слободна продажба се и маски кои поради повисоката цена им се недостапни на голем дел од жителите на македонската престолнина.

Вчера имаше случаи и на откажување на авионски летови од скопскиот аеродром, но денеска, метеоролозите најавуваат ветрови, расчистување на маглата и намалување на аерозагадувањето во Скопје, а од утре и дожд..

За решавање на проблемот на подолги патеки, пак, партијата ДОМ предложи најпрвин вонредна состојба и итни мерки за намалување на штетите, како: воведување пар-непар режим за возилата, бесплатен јавен превоз, забрана за движење на тешки товарни возила низ Скопје и на возила под стандардот Еуро 4, затворање на градилиштата, преполовување на производството на индустриските објекти што загадуваат, редовно собирање на отпадот и миење на улиците, зголемени инспекциски контроли на општинските и државните инспектори за животна средина, ослободување од работа на бремените жени и лицата со респираторни и кардиоваскуларни болести. Паралелно ДОМ предлага и среднорочни мерки за намалување на загадувањето за период од еден до три месеци, како и долгорочни мерки.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG