Линкови за пристапност

Ситуацијата на Косово не е безбедносен ризик за Македонија  


Безбедносната ситуација во Северна Македонија е стабилна – уверуваат надлежните институции по вчерашните настани на северот на Косово кои зедоа неколку жртви. Проценките на безбедносните и разузнавачките служби, кои се координирале и со НАТО и со одредени земји членки на Алијансата, се дека нема индиции за можно нарушување на ситуацијата во земјава и прелевање на тензиите по престрелките меѓу косовската полиција и униформираните лица. Сепак, владиниот врв е загрижен за овој нов бран насилства во соседството.

Ситуацијата во Македонија е стабилна по настаните во Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:43 0:00

„Во нашата земја не постои каков било основ за стравување за безбедносната ситуација. Но, изразувам голема загриержност за она што се случува на Косово, осуда на тоа што се случи – убиство на полицаец, тоа е акт на насилство кој никому не му треба. Тоа внесе еден немир, не само на Косово, туку во целиот регион. Сигурно зад настаните на Косово има нечија агенда кој би сакал регионов да го води во немир, но има политичари во регионот кои сакаат да го видат Западен Балкан во ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.

Ситуацијата на Косово ја следи и министерството за одбрана имајќи предвид дека земјава има контингент војници во рамките на КФОР.

„Не е нималку едноставно кога имаме инцидент – напад на полиција.Тој инцидент нема директно влијание врз земјава или ја загрозува безедноста на земјава. Секоја од институциите во С Македонија има обврска да придонесува за националната безбедност“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Силна осуда на настаните дојде и од Вашингтон и од Брисел. „Сторителите на овој криминален чин мора да одговараат низ транспарентна истрага“, соопшти Стејт департментот и повика на смирување на тензиите и обновување на дијалогот. И шефот на норвешката одбрана, кој е во посета на земјава, ги повика Белград и Приштина да се вратат на преговарачката маса.

„Тоа е неприфатливо, не за знам дали е продуктивно да се споредуваат конфликти – оној во Украина и овој... Со секоја ситуација треба да се справуваме на соодветен начин. Што се однесува до Косово, мислам дека и двете страни треба да ги исполнат обврските и да се вратат на дијалогот“, рече министерот за одбрана на Норвешка, Бјорн Арилд Грам.

Седумтемина македонски државјани кои биле сместени во хотел во непосредна близина на Бањска, местото каде се случи инцидентот, се вратени во земјава.

„По извршените вообичаеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција... Низ целиот процес, косовските служби ја гарантираа безбедноста на нашите државјани, а нашата амбасада во Приштина беше во постојан контакт со нив“, информираа од МНР.

XS
SM
MD
LG