СКОПЈЕ – Скандали ја тресат државната М-НАВ задолжена за безбедноста на македонското небо. Откако од Синдикатот обвинија за притисоци, незаконски вработувања на некомпетентни партиски кадри и финансиски малверзации, непознати лица, пуштени од обезбедувањето во М-НАВ кое е надворешна фирма, влегле во заградата на Контрола за летање и физички нападнале неколку контролори на летање бидејќи дале поддршка на протестот, соопшти претседателот на Синдикатот Александар Тасевски. Неофицијално станува збор за лица блиски до партијата на директорите кои се во судир со Синдикатот а со нив бил Беким Н. истакнат партиски кадар вработен во М-НАВ.
Од МВР потврдија дека инцидентот е пријавен и дека тројца вработени во МНАВ биле нападнати.
„Околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случај“, соопштија од МВР
На прес конференцијата која се одржа напладне Синдикатот соопшти дека по стапките на инженерите кои депонираа свои оставки ќе одат и триесетина контролори и техничари.
„Од денеска ќе се започне со депонирање на оставки од сите оние контролори на летање и помошници кои имаат соодветни раководни функции, инструкторски функции и шефови на смени. Ќе се почне со повлекување на нивните позиции од сите проекти во кои се вклучени Ако сметаат дека директорите дека може да работат вака со притисоци нека работат сами да видиме дали се способни ... Не ја исклучуваме можноста да се продолжи со штрајк. Дефинитивно нема да биде во наредните неколку дена но овој пат како што се одвиваат работите нема да биде штрајк на контролорите туку на сите вработни во Македонска навигација“, изјави Александар Тасевски, претседател на Синдикат на контролори на летање.
На последниот оглас кој ја прели чашата на трпението кај контролорите на лет, примени се три лица за кои од Синдикатот тврдат дека одбиле да одговараат на дел од тестирањето и биле крајно некомпетентни за работните позиции кои треба да ги извршуваат. Вработени биле исклучиво на барање и желба на двајцата директори од редовите на владејачката ДУИ. Одбиени поради наводна нецелосна документација, дискрециони права на директори, отсуство на рок за жалба се само мал дел од забелешките за овој но и за ред други огласи за вработување кои ќе ги оспорат.
„Постапка ќе се покрене, ќе се оди на оспорување на целиот овој конкурс за вработување. Ќе се спорат многу аргументи, ќе се спорат вработувања на претходни директори во М-НАВ и тука мислам на наместениот конкурс за бившиот директор Селмани. Самиот факт дека веќе претходно се пријави на седуммина за вработување во Агенцијата за вработување од инженери и тегничари па директорите ги тргнале од листа за вработување кажува дека тука работите несе како што треба и треба да се вклучи трудовата инспекција и Антикорупциската комисија и други институции кои јавно ги повикувам“, тврди Тасевски.
Од Синдикатот бараат да се истражи финансиското работење на директорите во М-НАВ и како пример даваат реновирање на гаража во објект кој не постои.
„Зградата што ја нема, една од зградите кои мистериозно исчезнаа а беа во проект и тендерска документација и требаше да бидат изведени а не беа изведени никогаш, се направи реконструкција на гаража од 280 метри квадратни а чини 400 илјади евра според документите со кои располагаме. Ако некој смета дека ова не е доволна причина да се активираат органи и да истражуваат тоа е поголем проблем на државните институции кои треба да се прават глуви и слепи “, кажа Тасевски.
За вчерашниот информативен разговор во одделението за насилен криминал Тасевски кажа дека се однесува на мејл порака до тројцата директори од кои двајца Хамиди и Деари се почувствувале загрозени.
„Кај директорите се покажа одреден страв. Тој страв не е по нивните животи како што наведуваат во пријавата против мене туку тоа е страв за нивните директорски фотељи“, изјави Тасевски
Александар Тасевски, претседател на Синдикат на контролори на летање
Од министерството за транспорт и врски како надлежно за М-НАВ соопштија дека немаат законска надлежност да влијаат врз интерните постапки за вработување и финансиската самостојност на државната Компанија и повикаа авиосообраќајот да продолжи да се одвива непречено.
„ Во однос на внатрешните прашања поврзани со постапките за вработување, тие да се решаваат институционално и доколку има забелешки на постапките тие да се водат во системот на државата“, соопштија од транспорт и врски.
Од менаџментот на М-НАВ пред неколку дена соопштија дека нема ништо спорно во последниот оглас за вработување иако кандидатите одбиле да одговараат на дел од тестирањето.