Напредок во преговорите има бидејќи Владата попушти и прифати да го намали периодот на транзиција на две и пол години. Од 12 до 15 отсто повисока плата годинава бараат Синдикатите, Владата со далеку пониска понуда а допрва ќе се преговара дали минмалната плата или пак просечната како што е барањето на синдикалните претставници ќе биде основа при пресметка во новата методологија
СКОПЈЕ – Преполовен период на транзиција пред примена на новата методологија за покачување на платите во јавниот сектор но беа договор за повисоки плати. Владата и Синдикатите денеска имаа уште една неуспешна средба во рамките на Економско социјалниот совет. Иако двете страни потврдија дека има извесен напредок во преговорите каменот на сопнување останува висината на покачувањето на платите оваа и наредната година пред да стапи на сила методологијата за пресметка.
Неофицијално понудата на Владата е оваа и наредната година повисоки плати за 5 отсто што е неприфатливо за Синдикатите кои бараат покачување од 12,8 до 14,5 отсто на платите оваа година колку што изнесува покачувањето на минималната плата одсннсо стапката на инфлација. Тие не отстапуваа од барањето просечната плата како основ за пресметка во новата методологија.
„Мрднавме од мртва точка. Во понеделник договоривме нов состанок. Дотогаш ќе им ги доставиме пресметките што ги направија Синдикатите во однос на предлогот на Владата а тие во понеделник да достават нова симулација за да видиме дали може да се доближат ставовите. Она што беше понудено за нас не е прифатливо. Во понеделник ќе видиме дали ќе има нова математика од Владата. Покачување не беше понудено колку што може да биде. Она што го разговаравме, што може Буџетот да го издржи, што беа препораките на ММФ. Ние не отстапуваме од она што го бараме а тоа е да биде поврзано со просечна плата. Имаше намалување на транзициониот период како што го нарекува Владата. Разликата во нашите и во пресметките на Владата во моментов не е воопшто мала“, изјави Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.
Од Владата пак ја оценија средбата како конструктивна и најавија дека ги очекуваат пресметките на Синдикатите пред наредниот состанот во понеделник.
„Од страна на претставниците на Владата беше презентирана Методологија за пораст на платите во јавниот сектор со која се предлага нов транзициски период од 2023 - 2025 година односно зголемување на платите во период од две и пол години. По конструктивна дискусија помеѓу социјалните партнери во однос на предлогот, се донесе заклучок дека периодот на транзиција од две и пол години е прифатлив, а владините претставници ќе направат нови симулации согласно понудените предлози од страна на синдикатите“, соопштија од министерството за труд и социјална политика.
Додека Владата и Синдикатите се обидуваат да најдат решение продолжува протестот во УЈП а веќе за утре е најавена првата средба во рамките на процесот на помирување меѓу Синдикатот и раководството на УЈП. Синдикатот не отстапува од барањето за зголемување на платите во висина од 30 отсто согласно постоечкиот колективен договор и доколку не се најде решение можно е во текот на идната недела да стапат во генерален штрајк.