Линкови за пристапност

Симбол за истрајноста: Велигденските кули од луѓе се издигнаа во Македонски Брод

Физички силни и претежно млади луѓе направија три човечки кули од по два реда. Петмина во долниот ред, петмина во горниот ред, Македонски Брод, 06.05.2024
Физички силни и претежно млади луѓе направија три човечки кули од по два реда. Петмина во долниот ред, петмина во горниот ред, Македонски Брод, 06.05.2024

Отпорот на македонскиот народ против репресии нема да исчезне, е симболичната порака што жителите на Македонски Брод ја испратија преку вековниот обичај Велигденски кули што се одржа на вториот ден од православниот христијански празник, Велигден.

Физички силни и претежно млади луѓе направија три човечки кули од по два реда. Петмина во долниот ред, петмина во горниот. Симболиката е многу јасна, објаснија жителите: Долниот ред се петвековните османлиски поробувачи, додека во горниот ред е македонското население кое верувало дека, кога-тогаш, ќе му згазне врз глава на поробувачот.

Велигденски кули, стар обичај во Македонски Брод, со симболика за непокор и „газење“ врз главите поробувачите од османлискиот период во Македонија.
Велигденски кули, стар обичај во Македонски Брод, со симболика за непокор и „газење“ врз главите поробувачите од османлискиот период во Македонија.

Поворката ја почнаа од црквата „Св.Богородица“ во Македонски Брод и продолжија да се искачуваат низ стрмни нагорнини кон место викано „На рид“ што бил своевиден центар на некогашниот Македонски Брод.

Патот до таму не им беше лесен, но за цело време се пееја патриотски песни, како бодрење да се издржи во борбата. Кулата не смее да се растури, зашто, според верувањата, ќе биде лош знак. Ниту една од трите кули не падна.

Обичајот е уникатен и единствен од таков вид во македонското културно наследство. Според сознанијата на етнолозите, тој потекнува од 17. Век.

„Населението од Македонски Брод и од околината побарало дозвола да го празнува Велигден. Но, тогашниот турски паша тоа не го дозволувал, па биле принудени да го откупат со злато. Богатството го однеле во тогашен Цариград и му го предале директно на Султанот, по што добиле дозвола да го празнуваат Велигден“, раскажа Милена Стојческа, етнолог и директорка на Домот на културата во Македонски Брод.

Сепак, како што таа раскажува, локалниот турски паша не дозволил чествувањето на Христовото воскресение да се празнува на првиот, туку само на вториот ден од Велигден.

Некогаш, барем тоа што јас паметам, имало и до девет кули. Но, годинава беа само три. Иселувањето си го прави своето
Бојан Бежоски

„За да му се осветат на пашата, македонското население тогаш почнало да ги прави кулите и преку нив да му праќа порака на високиот османлиски намесник дека кога-тогаш, населението ќе застане врз главата на поробувачите“, додава Стојческа од Домот на културата кој се јавува како коорганизатор на настанот заедно со свештенството од црквата „Св. Богородица“.

Одржувањето на кулите, додека поворката се движи во стрмни нагорнини не е едноставно
Одржувањето на кулите, додека поворката се движи во стрмни нагорнини не е едноставно

Во создавањето на кулите претежно учествуваат млади лица. Но, поради заминувањето на населението од државата, бројот на активни учесници покажал знаци на намалување.

„Некогаш, барем тоа што јас паметам, имало и до девет кули. Но, годинава беа само три. Ние сме задоволни што еланот и желбата за одржување на обичајот постои, но иселувањето си го прави своето. Се надеваме дека ова случување ќе добие уште поголема видливост низ државата, но и кај туристичките оператори, за да видиме и повеќе странски гости“, вели Бојан Бежоски, писател и антрополог од Македонски Брод.

Обичајот Велигденски кули имал прекини низ историјата, но кон крајот на 80-те години од минатиот век, тој повторно се обновува и добива особено на сила после осамостојувањето на државата.

XS
SM
MD
LG