Линкови за пристапност

Спејс шаталот Дискавери – музејски експонат


Повеќе од една година од последната мисија, пензионираниот спејс шатал денес ќе добие дом во музеј.

Шаталот ќе биде внесен во Центарот Удвар-Хази на Националниот музеј за вселена и воздухопловство, во близина на Вашингтон, каде ќе биде дел од постојана поставка. Меѓу присутните на церемонијата во четврток ќе биде поранешниот астронаут и американски сенатор Џон Глен, првиот Американец кој орбитирал околу Земјата.

Пензионираниот шатал пристигна во Вашингтон во вторник, од Вселенскиот центар Кенеди во Флорида, на специјално опремен Боинг 747 џамбо џет. Тој кружеше над неколку вашингтонски знаменитости на задоволство на посматрачите пред да се спушти на блискиот аеродром Далас.

Дискавери за прв пат беше лансиран во 1984 и изведе 39 мисии, повеќе од кој било друг шатал од флотата. Меѓу позначајните моменти е поставувањето на Вселенскиот телескоп Хабл во 1990, првиот шатал кој пристанал на Меѓународната вселенска станица, и враќањето на Глен во вселената во 1998 на возраст од 77 години, со што стана најстариот човек кој летал во вселената. Шаталот исто така ги извел првите „враќање во вселената“ мисии, откако два други шатали биле уништени во фатални несреќи.

Дискавери беше пензиониран минатата година, заедно со неговите сестри-шатали Атлантис и Ендевор.

Ендевор ќе оди на постојана изложба во научниот музеј во Лос Анџелес, додека Атлантис ќе остане изложен во Кенеди спејс центарот.

Дискавери го заменува Ентерпрајз, првиот американски спејс шатал, во Центарот Удвар-Хази. Ентерпрајз беше користен како возило за тестирање на земјата, и никогаш не полета во вселената. Неговото следно постојано престојувалиште ќе биде во Музејот за вселена и воздухопловство, во Њујорк, каде ќе биде пренесен следната недела.

XS
SM
MD
LG