Линкови за пристапност

Трет ден на затворена влада на САД


Американската влада е делумно затворена најмалку до четврток, но можно е подолго, зашто претседателот Доналд Трамп е цврст во барањето на средства за изградба на ѕид долж американско-мексиканската граница, а демократите се цврсто против тоа.

„Најважниот начин за запирање на банди, дрога, трговија со луѓе и масивен криминал е на нашата јужна граница“, доцна синоќа Трамп напиша на Твитер. „Ни треба обезбедување на границата и како што знае секој, не може да имате безбедност на границата без ѕид“.

Владата беше затворена на полноќ меѓу петок и сабота. Ова е четврто затворање во последниве пет години, кога Конгресот и Белата куќа не можеа да се согласат за тоа колку пари федералната влада може да потроши и за кои цели. Пропуштањето на рокот за договор беше причина оние услуги и операции во владата кои не се критични да бидат запрени.

Претставничкиот дом предводен од републиканци одобри буџет со финансирање за ѕид, но мерката немаше доволно гласови да помине во Сенатот, каде демократите силно опонираат.

Од друга страна, најголем дел од републиканските законодавци го поддржуваат барањето на Трамп.

Сенатот беше распуштен во саботата и не се очекува ново гласање барем до четврток.

Во минатото демократите беа пофлексибилни за дополнително финансирање за обезбедување на границите, како дел од поголем пакет за имиграцијата.

Во 2013, Сенатот усвои двопартиска легислатива за драматично зголемување на финансирањто на пограничната безбедност, што беше дел од сеопфатна имиграциона реформ. Но тој предлог закон не помина во републиканскиот Претставнички дом.

Сега Трамп бара финансирање, без да им даде нешто на демократите , барем до овој момент. Вчера претставници на Белата куќа сигнализираа можност тоа да се промени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG