Линкови за пристапност

Владата на САД затворена седми ден


Застојот сега се заканува да се продлабочи со нова финансиска криза на средината на октомври.

Додека делумното затварање на владата влегува во втора недела, ривалските страни во американскиот Конгрес се чини дека ги зацврстуваат своите позиции во врска со федералните трошоци. Застојот сега се заканува да се продлабочи со нова финансиска криза на средината на октомври, кога истекува рокот за кревање на границата на владиниот долг.

САД треба да го кренат лимитот на задолжувањето откако федералниот долг надмина 16,7 трилиони долари порано годинава, што е друго прашање по кое републиканците и демократите во Конгресот не се согласуваат. Ако границата на долгот не е крената до 17 октомври, државата нема да биде во состојба да одговори на своите финансиски обврски спрема доверителите, за прв пат во историјата.

Политичките лидери и економисти предупредија на сериозни последици за САД и за светот доколку тоа се случи. Но спикерот на Претставничкиот дом Џон Бејнер во неделата сигнализираше дека приближувањето на тој рок не ја омекнало републиканската позиција.

Во интервју за АБЦ телевизијата во неделата, Бејнер го обвини претседателот Барак Обама за одбивање да разговара по републиканските предлози за тоа како да се намали трошењето.

Претседателот Обама го обвини Бејнер и мал број конзервативни законодавци за блокирање на гласањето по буџетот во долниот дом, што тој вели дека ќе го прекине затварањето на владата.
XS
SM
MD
LG