Линкови за пристапност

Шести ден затворена Владата на САД, денес не се очекува гласање


Трамп рече дека владиното затворање ќе трае се` додека не се постигне договор за ѕидот

Денес е шести ден од делумното затворање на Владата на САД, и засега не се очекува да се постигне договор помеѓу претседателот Доналд Трамп и демократите во Конгресот.

Трамп и натаму инсистира да се обезбедат пет милијарди долари од Буџетот за финансирање на ѕидот на границата со Мексико, додека демократите се согласуваат да одобрат 1.3 за други мерки за гранична безбедност.

Трамп рече дека владиното затворање ќе трае се` додека тоа е потребно.

„Ќе имаме ѕид. Ќе бидеме безбедни“, додаде тој.

Тој не сакаше да коментира за можноста да се откаже од неговото барање од пет милијарди долари, и да прифати пониски трошоци за гранична безбедност.

Демократските лидери во Конгресот го обвинија Трамп дека ја турка државата во хаос.

„Претседателот сакаше затворање, но, сега не знае како да излезе од оваа ситуација“, кажаа во заедничка изјава лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер и номинацијата за спикер на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.

Републиканските лидери во Претставничкиот дом, пак кажаа дека денес не се очекува гласање, и оти ќе биде дадено известување 24 часа однапред пред тоа да се случи.

Какво и да биде решението ќе треба да биде одобрено од двата дома во Конгресот, и потпишано од претседателот Трамп.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG