Линкови за пристапност

Штрајк во Фондот за здравство, рецепти и упати ќе има, исплати за породилно отсуство и боледување нема да има


Од Синдикатот велат дека не отстапуваат од барањето да не им се намали платата за 21 отсто како што предложи Владата. Тврдењата на министерството за финансии дека поради нивните плати нема да има за лекови ги отфрлија како груби невистини и манипулации

СКОПЈЕ – Од утрово вработените во сите подрачни единици на Фондот за здравствено осигурување стапија во штрајк незадоволни од одлуката на Владата да препорача намалување на нивните плати за 21 отсто. По еден службеник на шалтер за да се одржи минималниот и неодложен обем на работа. Граѓаните кои не беа информирани попусто се обидуваа да влезат во канцелариите на ФЗОМ за да поднесат барање за исплата на средства за лекување или боледување.

Претседателот на синдикатот на ФЗОМ, Бранко Аџигогов е дециден дека рецепти и упати за граѓаните ќе има, а ќе функционираат лекарските комисии за боледувања.

„Во моментот шалтерските служби во ФЗОМ се прекинати со работа освен за неколку случаи а тоа се, регулирање на здравственото осигурување кај деца, регулирање на здравствено осигурување кај хоспитализирани лица доколку нема осигурување, дополнително итните случаи за лекување во странство кај централната служба и лекарските комисии што даваат наод оценка и мислење за одредени прашања како боледување продолжуваат со работа“, изјави Аџигогов

Буџетски пари за јавното и јавното приватно здравство нема да се исплаќаат а истото важи и за исплатите за породилно отсуство, за боледување и за капитација.

„Сите финансиски аспекти на ФЗОМ моментално се во прекин. Нема исплати за цело јавно здравство и за огромен дел од приватното јавно здравство. Се е стопирано. Сите финансиски надоместоци кои директно треба да се одобрат и да се пуштат се блокирани“ вели Аџигогов.

Според пресметките на Синдикатот доколку Управниот одбор во Фондот ја прифати препораката на Владата и ги намали платите вкупната сума која ќе се заштеди е околу 1,5 милион евра што е 0,19 проценти од Буџетот на Фондот.

„Потребните средства за до крајот на годината за последните два месеци се движат меѓу 60 и 90 милиони денари. Буџетот на ФЗОМ е 46 милијарди и 300 милиони денари. Станува збор за 0,19 проценти од Буџетот на ФЗОМ. Морам да кажам дека ФЗОМ не бара пари од Буџетот туку прибира повеќе пари од тие што се дадени на располагање за здравството и имаме резерва од 20 милиони евра“, рече Аџигогов

Вработените во ФЗО сеуште чекаат исплата на јануарската плата и велат дека штрајкот ќе трае се до исполнување на нивното барање. Од Владата побараа на утрешната седница да го повлече предлогот даде до Управниот одбор за намалување на платите. Тврдењата на министерството за финансии дека поради нивните плати нема да има средства за набавка на лекови ги отфрлија како лаги и шпекулации.

„Не бараме ништо повеќе. Бараме да останат платите во иста висина со декемвриската плата. Апелираме до Владата на утрешната седница и веќе пративме допис до техничкиот премиер Талат Џафери да отвори точка на дневен ред и да се разгледа нашето барање. Како што донесоа заклучок со препорака УО да ги намали платите сега да донесе заклучок да остане истата вредност на бод од 77,16 ден и таа вредноста на бод да биде до крајот на оваа година. Граѓаните да бидат спокојни дека ќе има лекови и помагала со сите. Апелирам до Министерството за финансии и тој што го напиша соопштението во кое стои дека ако се исплатат истите плати нема да има лекови за граѓаните да не се случи уште еднаш такво нешто. Да не се лаже јавноста, не личи министерството да игра на емоции на граѓаните и да ги лаже дека нема пари во ФЗОМ“, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.

Денеска во седиштето на Фондот за здравство се одржа состанок на кој присуствуваа раководителите на сите подрачни единици и на кој е дадена целосна поддршка на барањата на Синдикатот.

XS
SM
MD
LG