Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, првите луѓе на двете главни партии во земјата, во изјавите по денешното гласање излегоа со различни пораки – едниот дека државата се „крши“ меѓу европскиот пат и нови блокади, а другиот дека власта немала ниту „е“ од европско однесување во кампањата.
„Денеска македонските граѓани се суверенот којшто одлчува за иднината на државата. Нивниот глас денеска ќе ја определи иднината на државата во наредната декада. Ние во текот на изминатите повеќе од 40 дена ја презентиравме пред сите граѓани нашата програма за европска иднина, при што ги презентиравме сите предности на Македонија земја членка на ЕУ до 2030 година. На крајот на денот граѓаните ја имаат финалната одлука за тоа во кој правец ќе се движи државата, дали ќе биде држава којашто до 2030 година ќе стане земја членка на ЕУ со претседателот Пендаровски и со Коалицијата за европска иднина и СДСМ или повторно ќе се враќаме назад во едно минато време коешто го гледавме цела една декада во државата“, рече Ковачевски.
„Моја порака е дека за време на кампањата предупредував на две можни сценарија кои денеска гледаме дека се реалност. Првото сценарио е на онаа група политичари кои што во своето име го имаат зборот „европски“, а од „европски“ немаат ниту „е“. Тие за жал се уште се заглавени во минатото, се уште се заглавени во 18-тиот век и ова ќе биде голема казна на граѓаните врз овие ретроградни и дефанзивни политики кои што овие политичари кои што во своето име „европски“ ја злоупотребуваат Европа. Јас сум убеден дека дури и Европа се срами од овие луѓе“, рече Мицкоски.