Линкови за пристапност

Што беше најпребарувано на Гугл оваа година?


Гугл објави кои термини биле најпребарувани во 2023 година - од моменти во поп културата, до личности кои починале и трагични вести ширум светот.

Војната меѓу Израел и Хамас беше најпребаруваната вест во 2023 година на Гугл. Следува веста за подморницата Титан која експлодираше во јуни годинава, а потоа веста за земјотресот во Турција и Сирија.

Дамар Хамлин е најпребаруваното име на Гугл оваа година. Играчот на НФЛ, кој игра за Бафало Билс, доживеа срцев удар на натпревар во јануари, а подоцна успеа да се опорави. Следен е актерот Џереми Ренер, кој се здоби со сериозни скршеници додека го чистеше снегот во Невада, а потоа и ѕвездата на „Пријатели“ Метју Пери и пејачката Тина Тарнер, кои починаа оваа година.

Во светот на забавата, зборот „Барби“ доминираше во пребарувањето на „Гугл“, а потоа „Опенхајмер“ и индискиот трејлер „Јаваан“. Кога станува збор за ТВ сериите, луѓето најмногу ги интересираа „Последниот од нас“, „Среда“ и „Џини и Џорџија“.

Песната „Идол“ на дуото Јозоби е најпребаруваната музичка нумера на Гугл во 2023 година, по што следи песната на Шакира „Bzrp Music Sessions, Vol.53“, која таа му ја посвети на нејзиниот поранешен сопруг, фудбалерот Жерар Пике.

Кога станува збор за храната, најпребаруван рецепт на Гугл беше за корејското јадење бибимбап.

Во САД, многу потрошувачи го пребаруваа Гугл за да откријат зошто јајцата, билетите за концертот на Тејлор Свифт и лутиот сос од срирача се толку скапи. Зборот „rizz“, кој Оксфордскиот речник го прогласи за збор на годината, е на врвот на пребарувањата кога станува збор за сленг.

Гугл ги собра овие податоци од јануари до 27 ноември оваа година. По повод 25-тиот роденден, компанијата ги објави и најпребаруваните термини „на сите времиња“ во различни категории. Од 2004 година, најпребаруван уметник е Бијонсе, додека најчесто на Гугл спортско име е Кристијано Роналдо, а филмот за кој најмногу се заинтересирале е „Хари Потер“.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG