Линкови за пристапност

Алексис се жалел дека слуша гласови


Напаѓачот кој уби 12 лица во Морнаричкиот комплекс така и` кажал на полицијата на неколку недели пред нападот, но не му била одземена пропусницата.

Се појавија нови детали за армискиот работник под договор кој понеделникот уби 12 лица во Морнаричкиот комплекс во Вашингтон.

Властите наведуваат дека Арон Алексис побарал ментална здравствена помош во болница за воени ветерани во главниот град на САД.

За време на посетата на туристичкото место Њупорт во сојузната држава Роуд Ајленд во август, само неколку недели пред нападот, Алексис се пожалил на полицијата дека слуша гласови што доаѓаат од ѕидовите и таванот во неговата хотелска соба и дека истите гласови праќале вибрации низ неговото тело за да го спречат да заспие. 34-годишниот морнарички резервист загина во престрелка со полицијата, 30-тина минути откако отворил оган врз вработените во зградата на Командата за морнарички системи.

Федералното истражно биро (ФБИ) соопшти дека тој немал соучесници и дека влегол во Морнаричкиот комплекс со важечка пропусница. Властите се` уште се обидуваат да го утврдат евентуалниот мотив.

Алексис на двапати бил уапсен во инциденти со огнено оружје, во 2004-та и 2010-та, а неколкупати добил и укор за лошо однесување додека служел во Морнарицата. Па сепак, и покрај инцидентите и неодамнешниот историјат на ментална болест, тој го задржал безбедносното одобрение од понизок ранг што го добил додека служел во Морнарицата. Алексис завршил со четиригодишната служба во Морнарицата во 2011-та, но безбедносното одобрение му помогнало да се вработи како лице за компјутерска поддршка во приватна компанија која соработува со Пентагон. Според компанијата, Алексис работел во најмалку шест армиски инсталации во јули и август, без притоа да биде забележан некаков проблем.

Инцидентот од понеделникот е само еден во редицата случаи на повеќекратни убиства со огнено оружје што ги потресоа САД последниве неколку месеци. Во интервјуто за ТВ-мрежата на шпански јазик Телемундо, претседателот Барак Обама побара Конгресот да одобри нови, построги мерки за огненото оружје, така што тоа не би можело да заврши во рацете на ментално болните лица.

Обама нареди да се изврши преглед на безбедносните стандарди за работниците под договор и редовно вработените во агенциите на федералната влада. Истовремено, секретарот за одбрана Чак Хегел наложи безбедносен преглед на сите инсталации на американската армија во странство.
XS
SM
MD
LG