Линкови за пристапност

Шест лица во критична состојба – еден се уште се води за исчезнат по експлозијата во Париз


Шест лица се во критична состојба, а едно лице се смета за исчезнато во четвртокот, еден ден по експлозијата што одекна на улица во близина на историскиот кварт Латино во Париз, соопшти градското јавно обвинителство.

„Овие бројки сè уште може да се променат“, изјави обвинителката Мејлис Де Рок во СМС порака за Ројтерс, додавајќи дека околу 50 луѓе се повредени во експлозијата, која запали згради и предизвика урнување на предниот дел на едната на улица.

Од две лица за кои првично се веруваше дека се исчезнати, едното е пронајдено во болница и е згрижено, рече обвинителот, додавајќи: „Потрагите се во тек за пронаоѓање на второто лице“.

Властите сè уште не кажале што ја предизвикало експлозијата, за која очевидци велат дека следела силна миризба на гас на местото.

Експлозијата доведе до сцени на хаос и уништување во историската улица Сен Жак, која се протега од париската катедрала Нотр Дам до Универзитетот Сорбона, токму кога луѓето се враќаа дома од работа.

Таа, исто така, ја уништи фасадата на зградата во која е сместена школата за дизајн на Американската академија на Париз, популарна кај странските студенти.

Флоренс Бертут, градоначалничка на парискиот кварт каде што се случи експлозијата, рече дека 12 студенти кои во тоа време требало да бидат во училниците на академијата, за среќа отишле да посетат изложба со нивниот професор.

„Во спротивно, билансот на загинати можеше да биде апсолутно ужасен“, изјави Бертут за ТВ БФМ.

Таа рече дека меѓу повредените има и три деца кои минувале во тој момент, иако нивните животи не се во опасност.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG