Линкови за пристапност

Шефот на НАТО го нарече самитот „историски“ бидејќи Турција го поддржува приемот на Шведска


Украинскиот претседател Зеленски вели дека НАТО не изгледа подготвен да ја покани Украина
Украинскиот претседател Зеленски вели дека НАТО не изгледа подготвен да ја покани Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во вторникот изјави дека е „апсолутно уверен“ дека Турција ќе го ратификува приемот на Шведска во НАТО и дека лидерите на Алијансата собрани на дводневниот самит во главниот град на Литванија ќе „испратат многу силна и позитивна порака“ за желбата на Украина да се прикличи.

Сојузниците дебатираа за формулацијата на конечниот заеднички текст, но постои консензус дека пристапот на Украина во НАТО додека трае руската инвазија не се разгледува. Членството среде војна ќе бара од алијансата да го примени принципот „нападот врз еден е напад врз сите“ содржан во членот 5 на блокот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ја прифаќа таа ситуација, но непосредно пред лидерите да се соберат на нивниот состанок во вторникот, тој на Твитер објави поплаки за, како што рече, „сигнали дека одредени формулации се дискутираат без Украина“.

Зеленски, кој се очекува да присуствува на самитот во среда, рече дека се додаваат „нејасни формулации за „условите“, додека нема временска рамка за покана на Украина за членство во НАТО.

„Се чини дека нема подготвеност, ниту да ја поканиме Украина во НАТО, ниту да ја направиме членка на алијансата“, рече Зеленски.

Сојузниците на НАТО во 2008 година начелно се согласија Украина да се приклучи, но не поставија пат за членство на Украина.

Столтенберг во вторникот во Вилнус изјави дека за време на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во мај доставил пакет кој вклучувал отстранување на барањето за акционен план за членство во кандидатурата на Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден пред состаноците во вторник му рече на Столтенберг дека се согласува со јазикот што го предложи Столтенберг „во однос на иднината на Украина да може да се приклучи на НАТО и ние бараме континуирано обединето НАТО“.

Некои сојузници на НАТО, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Франција, треба да излезат со предлози за зајакнување на вооружените сили на Украина, вклучувајќи ги и нејзините повоени потреби, преку серија долгорочни обврски надвор од рамката на НАТО.

Таканаречените безбедносни гаранции ќе бидат направени во „исклучително тесна координација, со оглед на тоа колку се високи влоговите“, но ќе биде „различно од тоа да се има договор од член 5 за одбрана на Украина“, рече за Гласот на Америка, Лесли Вињамури, директор во Чатам Хаус.

Пристапувањето на Шведска

Столтенберг во вторникот рече дека самитот на НАТО „веќе е историски пред да започне“, откако разговорите со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дадоа пробив во повеќемесечниот ќорсокак за време на кој Ердоган го обвини Стокхолм дека не прави доволно за да се запре нивната политичка гранка - партија која турската влада ја гледа како екстремисти.

Ердоган вети дека ќе го поддржи одобрувањето на кандидатурата на Шведска во турскиот парламент, додека Унгарија, другата преостаната членка на НАТО допрва треба да даде одобрение во процес кој мора да биде едногласен, се очекува да го следи истиот.

Бајден, кој треба да се сретне со Ердоган доцна во вторник на крајот од првиот ден од самитот, ја поздрави веста за поддршката на Турција за Шведска.

„Подготвен сум да работам со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Турција за зајакнување на одбраната и одвраќањето во евроатлантската област“, рече Бајден.

„Со нетрпение очекувам да ги поздравам премиерот Кристерсон и Шведска како наш 32 сојузник на НАТО“, додаде Бајден.

Администрацијата на Бајден ги поддржа напорите на Турција да купи 40 борбени авиони Ф-16 од Соединетите Држави, договор што наиде на противење од американските законодавци кои рекоа дека не треба да продолжи се додека Турција не ја поддржи Шведска да влезе во НАТО.

Запрашан во вторникот што ја натера Турција да се согласи да се откаже од своето противење, Бајден со насмевка рече: „Што мислите?“. На прашањето на друг новинар дали е изненаден од одлуката на Турција, Бајден рече: „Воопшто не“.

Шведска и Финска заеднички аплицираа за членство во мај минатата година, при што двете нордиски нации ја наведоа огромната поддршка од народот за идејата среде руската инвазија на Украина. Членството на Финска беше финализирано во април.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во вторникот изјави дека приемот на Шведска ќе биде негативен за безбедноста на Русија.

Трошоци за одбрана

Друго клучно прашање на самитот е дали членките можат да се договорат - а потоа да исполнат - обврска да потрошат најмалку 2% од нивниот БДП за одбрана. Во моментов, само седум членови ја исполнуваат таа цел.

Неколку членки на Алијансата го искористија самитот за да објават нова воена помош за Украина, вклучително и пакет од 770 милиони долари од Германија со ракетни фрлачи Патриот, борбени тенкови и муниција. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговата влада ќе испорача ракети со долг дострел на Украина.

По дводневниот самит, Бајден во четврток заминува во Хелсинки за да се сретне со лидерите на Финска, Шведска, Норвешка, Исланд и Данска. Откако Шведска ќе влезе во НАТО, сите пет нордиски земји ќе бидат членки на воената алијанса.

Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG