Државата засега не се откажува од досегашниот начин на сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се поместат на последниот викенд во месец март за еден час нанапред и последниот викенд во октомври за еден час наназад, со што започнува зимското сметање на времето.
„Владата останува на ставот во државата да важи средноевропско зонско сметање на времето“, велат од Владата на Република Северна Македонија.
Од Владата велат дека на 26 март, на 12 седница, на предлог на Министерството за економија, е донесена одлука за денот и моментот на воведувањето и денот на завршувањето на летното сметање на времето во 2024 година. Летното сметање на времето завршува на 27 октомври во 03:00 часот, кога со поместување за еден час наназад времето во 03:00 часот, се смета како 02:00 часот.
Граѓаните се со поделени мислења.
Менувањето на времето е предизвикува стрес кај луѓето, вели психологот Милован Србиноски.
„Се мисли дека влијае негативно на здравствената, телесна и психичка состојба на метеопатите и хронично болните луѓе, но влијае и на здравите луѓе. Се јавуваат главоболки, безволност, се менува начинот на размислување... Се пореметува и сонот“, вели Србиноски.
Тој додава дека ова најмногу се одразува кај оние кои вршат тешки работи, кај работниците во градежништвото или угостителството, но и кај учениците.
Во 2019 година, во Европскиот парламент беше изгласана предлог- одлука, од 2021 година, државите да престанат со сезонските промени на времето. Но одлуката сѐ уште не се спроведува. Само Русија, Белорусија и Исланд не го менуваат времето.