Линкови за пристапност

Сервер: Македонија не е пропадната држава, но е блиску до работ


Даниел Сервер, во интервју за Гласот на Америка, предлага Македонија да влезе во НАТО како ФИРОМ

Не мислам дека Македонија е пропадната држава, но се доведе себе си до работ, како многу пати до сега, но секогаш се извлекува во последен момент, вели Даниел Сервер, директор на програмата за менаџмент на кофликт во Школата за напредни меѓународни студии на Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Во разговор за Гласот на Америка, Сервер вели дека многу е важно изборниот механизам да функционира без пречки, за да може граѓаните да му веруваат на системот.

„Не знам кој ќе победи, но очигледно Груевски е се` уште моќен, и покрај тоа што јас очекував дека објавените материјале ќе му нанесат голема штета“, смета тој.

Сервер нагласува дека отворањето реална шанса за промена на власта е значајно, но, оти тоа не мора да значи дека опозицијата ќе победи.

На прашањето како ќе се најде решение за спорот со името, тој одговори:

„Не верувам дека тука ќе има прогрес. Груевски не гледа компромис, кој тој би можел да го прифати. Грците не гледаат компромис, што тие би можеле да го прифатат. Сметам дека за Македонија би било добро да влезе во НАТО како ФИРОМ, што е особено важно за внатрешните односи во државата, бидејќи Албанците многу повеќе од Македонците го сакаат членството во НАТО“.

Сервер вели дека начинот на кој тоа може да се направи е „претседателот на САД да му каже на премиерот на Грција дека тоа треба да се направи. А тоа е многу тешко да се постигне. Знаете, во 2008-та бирократијата го убеди претседателот Буш да се обиде во тоа, и не успеа“.

Тој додава дека „ никој во бирократијата сега не сака да оди кај претседателот на САД и да бара од него да го направи тоа, бидејќи еднаш веќе пропадна. Но, сепак мислам дека би можело да успее доколку се примени вистински притисок. Грција навистина нема што да изгуби, бидејќи е широко прифатено во Македонија ова да биде решено пред членството во ЕУ“.

За Сервер е загрижувачки ако ова не се случи, поради тенденција меѓу Македонците во Македонија да се свртат кон Русија за поддршка, додека тенденција меѓу Албанците во Македонија е да се вртат кон САД за поддршка.

Според него, продолжувањето на проблемот ќе се одрази врз меѓуетничките односи внатре во Македонија, што е особено лошо за стабилноста на регионот.

XS
SM
MD
LG