Линкови за пристапност

Вашингтон го осуди коментарот на Николиќ дека немало геноцид во Сребреница


Геноцидот не е субјективна одредница, туку дефиниран злосторнички чин, потврден со меѓународни пресуди, реагираше Стејт департментот.

Стејт департментот ја осуди изјавата на новиот претседател на Србија Томислав Николиќ, дадена кусо време по инаугурацијата, дека масакрот на илјадници муслимани од страна на босанските Срби во Сребреница не бил геноцид, туку тешко злосторство чии извршители треба да бидат изведени пред суд.

Портпаролот Марк Тонер изјави дека геноцидот не е субјективна одредница за масакрот во Сребреница, туку дефиниран злосторнички чин, потврден со пресудите на Хашкиот суд за злосторства во поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата. Тонер кажа и дека Николиќ има можност да зададе конструктивен тон во поддршка на регионалната соработка што уследи по балканските судири од 1990-те. Сепак, портпаролот додаде дека неоснованите изјави на Николиќ за Сребреница и други воени злосторства се контрапродуктивни за промоцијата на стабилноста и помирувањето.

Во друго контроверзно интервју дадено неодамна, Николиќ рече дека хрватскиот пограничен град Вуковар е всушност српска област во која не требало да се вратат хрватски бегалци.
XS
SM
MD
LG