Линкови за пристапност

Демократите притискаат Сенатот да гласа за поголема помош заради пандемијата


„Дајте им на луѓето 2.000, а не 600 долари“, напиша Трамп на Твитер. „Тие страдаа доволно!“ 

Демократите планираат да извршат притисок во вторник Сенатот на САД да изгласа повисоки исплати за пандемиски олеснувања на Американците, исполнувајќи го барањето на претседателот Доналд Трамп за помош во вредност од 2.000 американски долари поради Ковид-19, што веќе е одобрено од Претставничкиот дом.

Со демократите во малцинство во Сенатот, и со лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел без јавни индиции за донесување на мерката на гласање, истакнати демократски фигури изјавија дека имаат намера да преземат неколку можни патишта за да присилат на акција.

Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, планира да користи процедурален потег што може да биде запрен ако некој сенатор се спротивстави.

„Постои силна поддршка за помош од 2.000 американски долари од секој агол на земјата“, рече Шумер во изјавата. „Лидерот Меконел треба да осигури републиканците во Сенатот да не застанат на патот на таа помош“.

Републиканците воглавно се спротивставија на дополнителните трошоци. Конгресменот Кевин Брејди рече дека законот нема да им помогне невработените да се вратат на работа.

„Ме загрижува што набрзина трошиме уште половина трилион долари, дека оваа помош не ја насочуваме кон Американците на кои најмногу им треба“, рече Брејди.

Сенаторот Берни Сандерс, независен, кој се приклучува на демократите, се закани во понеделникот дека ќе блокира акција за друго итно прашање, гласањето да се поништи ветото на Трамп за буџетот за одбраната, сè додека Сенатот не гласа за повисоките исплати за помошта.

„Дозволете ми да бидам јасен: Ако сенаторот Меконел не се согласи на гласање за да им обезбеди на вработените во нашата земја директна исплата од 2.000 американски долари, Конгресот нема да оди дома за Нова Година“, рече Сандерс во изјавата.

Трамп доцна во понеделникот испрати порака на Твитер каде се цитира планот Сандерс без именување, и ја повтори поддршката за зголемените исплати.

„Дајте им на луѓето 2.000, а не 600 долари“, напиша Трамп. „Тие страдаа доволно!“

Претставничкиот дом, предводен од демократите, гласаше 275-134 во понеделникот во корист на повисоки исплати. Конгресот претходно изгласа 600 американски долари за Американците како дел од помошта поради пандемијата.

Трамп остро го критикуваше актот, заканувајќи се дека ќе го блокира неговото усвојување доколку Конгресот не ги зголеми плаќањата на 2.000 долари и не ги намали другите трошоци. Но, во неделата, кога требаше да се случи затворањето на владата, тој го потпиша законот.

Претставничкиот дом во понеделникот изгласа и мерка со која ќе се надмине ветото на Трамп за 740 милијарди долари наменети за финансирање на програмите за одбрана на земјата, обезбедувајќи неопходно двотретинско мнозинство за да се надмине ветото на претседателот. Предлог-законот за трошоци во одбраната исто така им дава покачување на припадниците на армијата и ја проектира политиката на Пентагон за прашања како што се нивото на трупите, за системите за оружје и за персонални прашања.

Сенатот може да гласа за мерката веќе во вторник и се очекува да го надмине ветото на Трамп.

Трамп го критикуваше нацрт буџетот на неколку фронта, тврдејќи дека документот е во корист на Кина. Тој побара отстранување на јазикот што дозволува преименување на воените бази што им оддаваат чест на водачите на Конфедерацијата, кои се отцепија од Соединетите држави во 1860-тите години, што колабираше неколку години подоцна, со крајот на Граѓанската војна.

Тој исто така побара укинување на одредбата што ги штити компаниите на социјалните мрежи од одговорност за содржината што ја објавуваат нивните корисници.

XS
SM
MD
LG