Сенатската комисија за надворешни работи одобри нови санкции на САД кон иранската поддршка на меѓународен тероризам и програмата за балистички проектили. Ова е прв чекор во казнување на Техеран, откако стапи во сила нуклеарниот договор.
Одлуката, која беше изгласана со 18 наспроти три гласа, дојде неколку дена откако претседателот Доналд Трамп, заедно со Израел и Саудиска Арабија, се заложи за намалување на иранското влијание во регионот
„Одлуката денес помина со големо одобрување, и верувам дека така ќе биде и во Сенатот“, изјави претседателот на Комисијата Боб Коркер, и додаде:
„Патувањето на Трамп во Саудиска Арабија, значи почеток на координирана стратегијата на Блискиот Исток, за да се намали иранската агресија во регионот“.
Демократот Том Одал од сојузната држава Њу Мексико, се спротивставува на ваквата одлука.
„Првиот чекор на нашата влада со ваква легислатива, ќе претставува закана за нуклеарниот договор. Мислам дека ова е многу лоша позиција за нас“, изјави Одал.
Пред гласањето, централната фигура во нуклеарните преговори со Иран, поранешниот државен секретар Џон Кери на неговиот Твитер профил, предупреди против воведување на нови санкции.
„Има многу мерки да се зголеми притисокот, а кои веќе се воведени. Мора да се земе предвид ризикот за Заедничкиот сеопфатен план за акција“, напиша Кери.
Facebook Forum