Линкови за пристапност

Кој ќе го контролира американскиот Сенат?


Балансот на моќта зависи од неколку клучни трки

Контролата на американскиот Сенат останува неизвесна рано во средата додека неколку трки во држави меѓу кои Северна Каролина, Мејн и Џорџија се премногу тесни да се прогласи победник.

Во Колорадо, демократите зедоа клучно место кога републиканецот Кори Гарднер загуби од демократскиот предизвикувач Џон Хикенлупер, поранешен гувернер. Гарднер беше последниот републиканец на функција во државата што некогаш се сметаше за изборно бојно поле.

Според непартискиот Cook Political Report, само седум од 35 сенатски места кои влегоа на изборите во вторникот беа вистински неизвесни. Сенатските републиканци влегоа во вторникот држејќи мнозинство 53-47, но се соочија со тежок изборен циклус зашто бранат двојно повеќе места во споредба со демократите оваа година.

Републиканците добија место во Алабама, со победата на поранешниот фудбалски тренер поддржан од Трамп, Томи Тубервил врз демократскиот сенатор Даг Џонс. Сенатското место на Алабама беше единственото неизвесно место годинава што го држеле демократите.

Со победата во Колорадо и поразот во Алабама, на демократите сега им треба победа од три места доколку демократскиот кандидат Џо Бајден ја добие претседателската функција и четири места доколку американскиот претседател Доналд Трамп е реизбран.

Со демократското мнозинство во американскиот Претставнички дом, контролата на Сенатот ќе биде од суштинско значење за успехот на агендата на следниот жител во Белата куќа. Мнозинската партија во Сенатот исто така ќе разгледува идни именувања во Врховниот суд и поставување на федерални судии.

Лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел од Кентаки очекувано беше реизбран, и покрај добро-финансираниот предизвик од демократката Еми Мекграт.

Во победничкиот говор во вторникот навечер Меконел кажа дека нацијата се соочува со значителни предизвици откако ќе завршат изборите.

„Сеуште не знаеме кој претседателски кандидат ќе започне нов мандат во јануари, не знаеме која партија ќе ја има контролата на Сенатот. Но, некои работи се извесни. Знаеме дека има тешки предизвици пред нас, предизвици на кои не им е грижа за нашата политичка поларизација. Знаеме дека нашиот следен претседател ќе треба да ја обедини државата додека сите носиме различни идеи и определби на маса“, рече Меконел.

Но, ако демократите ја добијат контролата на Сенатот, Меконел нема повеќе да служи како лидер на мнозинството. Наместо него би дошол демократот од Њујорк Чак Шумер, сегашниот лидер на малцинството во Сенатот.

Државата тогаш ќе се соочи со перспективата на поделена влада, доколку Трамп добие втор мандат, со републиканците во контрола на Белата куќа и демократите во контрола на Конгресот - или обединета влада со демократите во контрола и на Конгресот и на Белата куќа, доколку победи Бајден.

Контролата на Сенатот може да зависи од исходот на гласањето во Џорџија каде двете сенатски места од таа сојузна држава се за реизбор.

Во американскиот Претставнички дом демократите се очекува да надоградат на нивното мнозинство со нето добивка од најмалку пет места.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси од Калифорнија најверојатно ќе биде реизбрана на местото кога новиот Конгрес ќе се состане во јануари. На новинарите во вторникот таа им рече: „Овие избори не се ништо помалку од враќањето на душата на Америка, дали нашата нација ќе следи гласови на страв или ќе избере надеж“.

XS
SM
MD
LG