Линкови за пристапност

Договор во Сенатот за економскиот пакет за справување со коронавирусот


Демократите и републиканците постигнаа согласност за законот, кој предвидува помош од два трилиони долари

Американските лидери рано утринава постигнаа согласност за економскиот пакет од два трилиони долари, со цел да им се помогне на граѓаните и на бизнисите погодени од пандемијата на коронавирус.

Законското решение ќе се гласа денес во Сенатот, од каде, ако помине, ќе се испрати во Претставничкиот дом.

Лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер, рече дека законот е далеку од совршен, но, оти по денови преговори да се направат измени, очекува тој брзо да биде одобрен.

„Имаме двопратиски договор за најголемиот пакет за помош во американската историја. Ова не е момент за славење, туку ова е потреба“, рече Шумер.

Лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел, најави дека помошта е на пат.

Тој објасни дека мерката е добра за лекарите и медицинските сестри низ државата, на кои им е потребна финансиска помош и заштитна опрема, како маски, со цел да се грижат за пациентите со коронавирус, како и за семејствата, кои се очекува да добијат директна парична помош од 3.000 долари.

„Ова е инвестиција во нашата држава“, рече Меконел.

Претседателот на САД Доналд Трамп, рече дека сака да ја обнови американската економија најбрзо што може, додека многу работници се принудени да седат дома поради ширењето на заразата.

САД досега регистрираа околу 55.000 потврдени случаи на заразени со вирусот, и преку 700 мртви.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG