Лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер и секретарот за финансии Стивен Мучин, велат дека се надеваат оти денес ќе се постигне договор за економскиот пакет од два трилиони долари.
Тие разговараа доцна вчера, откако Сенатот по вторпат не успеа да го донесе законот, кој предвидува директна парична помош за Американците и за многу бизниси погодени од смртоносниот вирус.
Лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел ги обвини демократите дека го одложуваат процесот, барајќи промени во законското решение, додека Шумер рече оти Меконел го трошел времето со две процедурални гласања за мерка за која, вели тој, знаел дека нема да помине.
Претседателот на САД Доналд Трамп, во неделата изјави:
„Не сакам да давам помош, за потоа некој да оди да купи акции во компанија, да ја зголеми цената и да добие бонуси. Јас сум републиканец, но, тоа не ми се допаѓа. Сакам парите да се искористат за работниците“.
И покрај оваа изјава, тој побара Конгресот да го усвои законот како што е напишан од Сенатот.
Гувернерите на најмалку 13 сојузни држави побараа милиони луѓе да седат дома, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Засега, не е планирана изолација на целата држава.
Бројот на случаи на КОВИД-19 се зголемува во САД, со повеќе од 41.000 заразени, и преку 500 смртни случаи. И двете бројки значително се зголемија изминативе денови.
Facebook Forum